Завршен настан: “Менталното здравје кај младите”

На 27 март 2026 година, во Офицерски дом Битола, успешно се одржа завршниот настан од под-проектот „Менталното здравје кај младите“, кој се реализираше во рамки на проектот „Младински политики по мерка на младите“.

Во периодот од октомври 2025 до март 2026 година, Про Локал, во соработка со сите средни училишта од Битола, континуирано работеше со младите преку месечни настани посветени на различни аспекти на менталното здравје. Преку отворени дискусии, интерактивни работилници и заеднички активности, младите имаа можност да споделуваат искуства, да учат и активно да придонесуваат кон создавање поддржувачка и безбедна средина.

Завршниот настан претставуваше можност да се сумираат постигнатите резултати, да се слушнат гласовите на младите и да се истакне важноста од континуирана грижа за менталното здравје. На настанот присуствуваа претставници од локалната самоуправа, вклучително и градоначалникот, како и млади учесници кои активно беа дел од проектните активности во изминатите шест месеци.

Во рамки на настанот се одржа и панел дискусија на тема „Младите и менталното здравје – што се случува во пракса“, која обедини стручни лица од областа на психологијата. Преку отворен дијалог беа споделени практични искуства од работа со млади, предизвици во секојдневната пракса, како и препораки за унапредување на поддршката за менталното здравје во образовниот систем и заедницата.

Дополнително, завршниот настан беше збогатен со уметничка програма подготвена од учениците од СОУ „Таки Даскало“ Битола. Преку драматизацијата „Тишината што вика“, рециталот „Гласот на тишината“ и музичка изведба, младите на емотивен и автентичен начин ја пренесоа својата перспектива за менталното здравје и важноста од негово разбирање.

Овој настан уште еднаш ја потврди потребата од создавање безбеден простор каде младите ќе бидат слушнати, разбрани и поддржани. Истовремено, испрати силна порака дека кога младите се активно вклучени – промените се возможни.

Проектот „Младински политики по мерка на младите“ е поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.

Април, 2026 год.

prolocal-cover-set-01

Архитектонски хакатон „ПЕЛО“ – почеток на простор за младите

Во периодот од 07 до 08 март, во Крушево, во хотел „Вила Гора“, се одржа 36-часовен архитектонски хакатон посветен на креирање визија за Регионален младински хаб „ПЕЛО“ – простор кој има потенцијал да стане реалност.

Овој хакатон обедини 20 млади учесници и 4 ментори, со една заедничка цел – да се одговори на прашањето: каков простор им е потребен на младите во Пелагонија?

Но, ова не беше само натпревар или теоретска вежба. Ова беше процес на заедничко размислување, истражување и создавање. Простор во кој младите имаа можност гласно да ги изразат своите идеи, да експериментираат и да предложат конкретни решенија.

Учесниците беа поделени во внимателно креирани тимови, формирани според нивните знаења, искуства и интереси. Со поддршка од менторите, се создаде динамика во која различните перспективи се надополнуваа, а идеите добиваа форма и насока. Овој пристап овозможи вистинските потреби на младите да бидат слушнати, додека архитектите работеа на нивно преточување во изводливи решенија.

Целта на хакатонот не беше идеите да останат само концепти на хартија, туку да се развиваат понатаму и да добијат реална можност за имплементација. Преку соработка, дијалог и тимска работа, учесниците создадоа основа за простор кој може да стане значаен центар за младите во регионот.

Хакатонот испрати јасна порака – кога на младите ќе им се даде простор да бидат слушнати, видени и поддржани, се отвораат нови можности за развој на заедницата. Ваквите иницијативи не само што генерираат идеи, туку и ги мотивираат младите да размислуваат храбро, да се вклучат активно и да веруваат во својата способност да придонесат кон позитивни промени.

Како организација, Про Локал го иницираше овој хакатон со цел да создаде платформа за поврзување на млади од Пелагонија, архитекти и студенти, кои преку заедничка работа ќе развиваат решенија со вистински потенцијал.

Затоа што идеите не се создаваат сами – тие се раѓаат во разговор, во соработка и во тим.

Април, 2026 год.

Граѓанските организации отворија клучна дебата: дали младинските политики навистина функционираат во пракса?

Не е исто да си млад во село или град

На 26 март во Скопје, граѓанските организации организираа жива и отворена дискусија за тоа колку навистина функционираат младинските политики во пракса. Про Локал ги презентираше наодите од првото национално истражување за влијанието на Законот за младинско учество и младински политики, на сила од 2020 година. Истражувањето открива јасен јаз помеѓу тоа што е предвидено со закон и она што реално се случува на локално ниво.

Клучната порака што произлезе од настанот е едноставна, но загрижувачка – шансите за младите зависат од местото каде живеат. Додека во дел од урбаните општини се воспоставени и функционираат младински механизми, во руралните средини тие често се ограничени или постојат само формално. Ограничените ресурси, недостигот од инфраструктура и послабата поддршка од граѓанскиот сектор ја намалуваат можноста на младите активно да учествуваат во локалните процеси на одлучување.

Овие наоди отворија суштинска дебата меѓу граѓанските организации за тоа како да се премине од формално исполнување на обврските кон реално и влијателно младинско учество. Во дискусијата беше нагласена и улогата на граѓанскиот сектор како еден од ретките актери кои навистина ја гледаат состојбата на терен, ја поддржуваат младинската агенда и создаваат простори за активност на младите.

Преку истражувањето беа споделени и конкретни примери: во општини како Гостивар и Битола, младинските центри функционираат, има обезбедени буџети и активни младински тела. Во други општини, како Градско, Ресен или Долнени, младинските механизми или не постојат, или се нефункционални, а локалните совети често постојат само формално, без програма за работа и без реално влијание врз одлуките.

Во ваков контекст, граѓанските организации играат клучна улога во одржувањето на младинското учество живо – иницираат локални активности, ја следат имплементацијата на законските обврски и алармираат кога тие не се спроведуваат. Во помалите и рурални средини, каде институционалната поддршка е ограничена, тие често се единствениот простор каде младите можат да се информираат, да се вклучат и да го изразат својот глас.

Истовремено, преку ваквите процеси, граѓанските организации придонесуваат и кон унапредување на законската рамка, пренесувајќи ги искуствата од терен во конкретни препораки за подобрување на системот.

Шест години по донесувањето на Законот за младинско учество и младински политики, заклучокот е јасен – неговото реално влијание на терен сè уште е ограничено. Ист пристап не дава исти резултати во урбани и рурални средини, па се потребни пофлексибилни и прилагодени решенија кои ќе ги одразуваат конкретните потреби на младите и капацитетите на општините.

Следниот чекор мора да биде премин од формално постоење кон реално функционирање на системот. Младинските политики имаат смисла само кога навистина се чувствуваат во секојдневието на младите, без разлика каде живеат.

Истражувањето е реализирано со поддршка на програмата Цивика мобилитас, финансирана од Владата на Швајцарија.

Април, 2026 год.

prolocal-cover-set-01

ЈАВЕН ПОВИК

36H АРХИТЕКТОНСКИ ХАКАТОН

„РЕГИОНАЛЕН МЛАДИНСКИ ХАБ ПЕЛО“

36 часа.
Една локација.
Еден предизвик.

Како изгледа младински ХАБ што младите ќе го изберат?

Про Локал – Битола објавува јавен повик за учество на 36-часовен архитектонско-програмски хакатон за развој на идејно решение за Регионален младински ХАБ во Битола.

Крушево – Хотел Вила Гора
07–08 март 2026
36 часа + 1 ноќевање

Што е задачата?

Да се развие идејно архитектонско и програмско решение за современ, флексибилен и одржлив младински ХАБ кој ќе биде:

• простор за неформално образование
• место за креативна продукција
• платформа за соработка
• урбан симбол на нова генерација

Специјален предизвик

„НУЛА ДЕНАРИ ЗА СМЕТКИ“

Предложениот ХАБ треба да биде концептуализиран како објект со минимални или нула оперативни трошоци преку:

☀️ обновливи извори на енергија
пасивни архитектонски стратегии
♻️ циркуларни материјали
одржливо користење на вода

Кој може да аплицира?

Повикот е отворен за:

• архитекти и студенти по архитектура
• градежни инженери / студенти
• дизајнери за внатрешно уредување
• лица од областа на циркуларна економија / заштита на животна средина
• млади лица од Пелагонискиот регион

Аплицирањето е индивидуално.
Организаторот ќе формира 4 интердисциплинарни тима од по 5 лица.
Во секој тим ќе биде вклучено најмалку едно младо лице од Пелагонија.

Како ќе работиме?

Хакатонот е структуриран во 4 последователни сетови:

СЕТ 1 – Програмска анализа
Дефинирање на потреби, функции и просторна програма.

СЕТ 2 – Локација и типологија
Избор на микролокација во Битола и тип на објект.

СЕТ 3 – Архитектонско решение
Урбана интеграција типологија на објект

СЕТ 4 – Презентација
PDF буклет + краток визуелен материјал.

Награда

Победничкиот тим добива:

Тандем лет со параглајдер во Крушево
или
Викенд во Панорама СПА

Што обезбедуваме?

Сместување (двокреветни соби)
Сите оброци и освежување
Работен простор и техничка поддршка
Печатење
Надомест за патни трошоци во висина на повратна автобуска карта

Како да аплицираш?

Пополнете ја пријавата (линк) и прикачете:

– CV
– Портфолио (доколку имате)
– Кратка мотивација (до 300 зборови)

Рок за пријавување: 04.Март 2026

Ова не е само конкурс.
Ова е можност да дизајнираш простор што реално може да се изгради.

Февруари, 2026 год.

Креативно Едукативна Работилница: Шопингот и менталното здравје

Во рамки на проектот „Младински политики по мерка на младите“, како дел од активностите насочени кон унапредување на менталната благосостојба кај младите во Битола, на 6 февруари 2026 година во просториите на Bliss Mall се одржа креативно-едукативна работилница на тема „Шопингот и менталното здравје“.

Активноста беше реализирана во простор кој природно ги собира младите – место каде тие се дружат, шетаат и носат секојдневни одлуки за купување. Токму таму се отвори дискусија за свесната потрошувачка, за емоционалната вредност што ѝ ја припишуваме на купувањето и за прашањето дали материјалните нешта навистина носат долгорочна среќа или чувството на исполнетост произлегува од внатрешната стабилност и самосвесност.

Работилницата започна со воведно излагање на м-р Марија Магдалена Петковска Микаровска на тема „Шопингот како терапија за менталното здравје“. Во рамки на дискусијата се обработија прашањата поврзани со влијанието на купувањето врз расположението, разликата помеѓу импулсивна и свесна потрошувачка, како и краткорочниот ефект на т.н. „ретeил терапија“. Посебен акцент беше ставен на одржливите навики и на thrift шопингот како одговорна и еколошки прифатлива практика.

Во продолжение следуваше интерактивната игра „Мојот среќен маркет – купи без пари“, водена од м-р Марија Младеновска Димитровска. Преку оваа креативна вежба, учесниците имаа можност симболично да „купуваат“ вредности и чувства наместо материјални производи, размислувајќи што навистина им е потребно за да се чувствуваат исполнето. Активноста поттикна искрена размена на мислења и отвори простор за лични согледувања за сопствените навики и приоритети.

Работилницата заврши во пријатна атмосфера со закуска во Aurum Bliss, каде разговорите продолжија во неформален дух, овозможувајќи дополнително поврзување и продлабочување на темата.

Со оваа активност уште еднаш се потврди дека грижата за менталното здравје може да започне и во секојдневните простори, преку разговори што ги допираат реалните навики и искуства на младите. Свесната потрошувачка, критичкото размислување и личната одговорност се важни чекори кон психолошка стабилност и одржлив начин на живот.

„Про Локал“ ќе продолжи со реализација на активности кои ги вклучуваат младите во процесите на креирање политики и иницијативи по нивна мерка, со посебен фокус на менталната благосостојба и активно учество во заедницата.

Проектот „Младински политики по мерка на младите“ е поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.

Февруари, 2026 год.

Меѓу генерациите: простор за грижа, разговор и перспектива

Во рамки на проектот „Младински политики по мерка на младите“, како дел од под-проектот насочен кон предизвиците на менталното здравје кај младите во Битола, на 30 декември 2025 година, „Про Локал“ во соработка со учениците и професорите од СОУ „Таки Даскало“ – Битола го посетија Домот за стари лица „Св. Спас“ во с. Кравари.

Активноста се одржа во духот на претстојните новогодишни празници, но со подлабока цел – да се создаде безбеден и човечки простор за поврзување, разговор и размена на искуства, како одговор на сè почестите притисоци, сомнежи и внатрешни борби со кои се соочуваат младите денес.

Учениците и професорите пристигнаа со домашно подготвени колачиња – мал, но искрен гест на внимание и почит. Посетата брзо прерасна во топло дружење, исполнето со насмевки, грижа и непосредна блискост. Преку едноставни гестови како нега, разговор и присуство, се создаде вистинска меѓугенерациска врска.

Во тие тивки и искрени разговори, жителите на домот ги споделија своите животни приказни, сеќавања и поуки – зборови полни со искуство и перспектива, кои за младите претставуваа охрабрување и потсетник дека многу малку нешта во животот се конечни, и дека и најтешките моменти поминуваат.

Средбата беше двонасочна: младите дојдоа да подарат грижа, а заминаа со нов поглед кон животот. Воедно, жителите на домот почувствуваа дека се слушнати, ценети и дека нивната мудрост има важно место во заедницата.

Во пресрет на Новата година, оваа иницијатива беше силен потсетник дека грижата за менталното здравје не секогаш започнува со зборови, туку со човечки контакт, разбирање и споделено време. Малите гестови можат да создадат големи промени – и за оние што ги даваат, и за оние што ги примаат.

„Про Локал“, заедно со своите партнери, и со психолозите од средните училишта во градот ќе продолжи со реализација на активности кои ги вклучуваат младите во процесите на креирање политики и иницијативи по нивна мерка, со посебен фокус на менталната благосостојба, општествената одговорност и зајакнувањето на локалната заедница.

Проектот „Младински политики по мерка на младите“ е поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.

Јануари, 2026 год.