Трето место за Про Локал на 4-тата WeBER Regional Citizens First Conference

Про Локал освои трето место според изборот на публиката на 4-тата WeBER Regional Citizens First Conference, добивајќи признание за „Best Project“ во конкуренција на граѓански организации од земјите на Западен Балкан.

Проектот беше презентиран од Рубин Николоски, кој ги претстави активностите, резултатите и влијанието на иницијативата врз локалната заедница, со посебен акцент на пристапите кои го поттикнуваат учеството на граѓаните во процесите на донесување одлуки и подобрување на јавните услуги.

WeBER Regional Citizens First Conference претставува една од најзначајните регионални платформи за размена на искуства и добри практики во областа на реформата на јавната администрација, граѓанското учество и унапредувањето на јавните политики. Годинава конференцијата обедини претставници на граѓански организации, институции, експерти и практичари од целиот регион, создавајќи простор за конструктивна дебата и споделување иновативни пристапи за поефикасно и поинклузивно управување.

Признанието доделено на Про Локал претставува потврда за релевантноста и квалитетот на иницијативите кои произлегуваат од реалните потреби на граѓаните. Воедно, тоа ја нагласува важноста на партиципативните пристапи во креирањето политики и услуги кои се поодговорни, подостапни и усогласени со потребите на заедниците.

Остварениот резултат претставува значајно регионално признание за работата на Про Локал и дополнителна мотивација за понатамошно развивање на иницијативи насочени кон зајакнување на граѓанското учество, транспарентноста и доброто управување на локално и регионално ниво.

Конференцијата се одржа во рамките на проектот WeBER 3.0, кој повеќе од една деценија придонесува кон следење и поддршка на реформите во јавната администрација во земјите од Западен Балкан.

Јуни, 2026 год.

prolocal-cover-set-01

Од идеи до решенија: што научивме од Холандија и како тоа може да ја обликува иднината на Пелагонија

Во изминатите неколку дена, Про Локал организираше и предводеше студиска посета на Холандија во која учествуваа седум градоначалници од Пелагонискиот регион, претставник на бизнис секторот и тимот на организацијата. Посетата беше реализирана во рамки на проектот ПЕЛО, поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија во Северна Македонија преку програмата MATRA.
Во студиската посета учествуваа градоначалниците на општините Битола, Прилеп, Ресен, Новаци, Могила, Кривогаштани и Долнени, како и претседателот на Регионалната стопанска комора – Прилеп, Никола Мариноски. Посетата беше организирана и координирана од Про Локал, како дел од заложбите за развој на одржливи модели на соработка помеѓу младите, локалната самоуправа и бизнис секторот во Пелагонискиот регион.
Целта на посетата не беше да бараме готови решенија. Целта беше да видиме како локалните заедници, младите, бизнисите, универзитетите и граѓанските организации можат заедно да создаваат подобар квалитет на живот, нови економски можности и поодржлива иднина.
Нашето патување започна во Амстердам со посетата на De Ceuvel – еден од најпознатите примери во Европа за трансформација на запуштен и загаден индустриски простор во жив, функционален и одржлив центар за работа, иновации и заедница. Таму од прва рака видовме како принципите „намали, повторно употреби и рециклирај“ можат да се претворат во конкретни решенија кои ја обновуваат животната средина и создаваат нова вредност за граѓаните.
Во Хаг, во соработка со Асоцијацијата на холандски општини (VNG) и Академијата за локално управување во Хаг, имавме можност да се запознаеме со холандскиот модел на локално управување и меѓуопштинска соработка. Посебен впечаток остави начинот на кој младите се вклучуваат во креирањето на локалните политики – не само преку формални механизми, туку преку директна соработка со општините, универзитетите, граѓанските организации и приватниот сектор.
Посебна чест за делегацијата беше средбата со градоначалникот на Хаг, кој сподели убави спомени од своите посети на Скопје и Охрид и ја истакна важноста на соработката меѓу локалните заедници. Разговорите беа посветени на циркуларната економија, управувањето со отпад и улогата на младите во спроведувањето на локалните политики. Една од најважните пораки што ја понесовме е дека успешната циркуларна економија не е само еколошка цел – таа мора да биде поддржана и од функционален економски модел во кој отпадот станува ресурс, а одржливоста создава нови можности за развој.
Во Titaan Hub во Хаг видовме како се гради мост помеѓу младите иноватори и компаниите. Таму студентските идеи не остануваат само на хартија. Тие добиваат простор за тестирање, поддршка од бизнис секторот и можност да прераснат во нови производи, услуги или стартап компании. Токму овој модел на директно поврзување на младите со потребите на пазарот беше една од највредните лекции за идниот развој на регионален младински иновациски и циркуларен хаб во Пелагонија.
Во Делфт, на еден од најреномираните технички универзитети во Европа, ја посетивме The Green Village – уникатна лабораторија на отворено каде што истражувачи, студенти, компании и локални власти заеднички развиваат и тестираат решенија за справување со климатските промени. Од нови градежни материјали и енергетски системи до иновативни решенија за греење, ладење и одржлива инфраструктура – сè што се развива таму има една цел: подобар и поотпорен живот во градовите на иднината.
Она што нè импресионираше најмногу не беа зградите, технологиите или инвестициите. Беше начинот на размислување.
Во Холандија видовме дека најдобрите решенија се создаваат кога општините не работат сами. Кога младите не се само корисници на политики, туку нивни креатори. Кога бизнисите не се гледаат само како работодавачи, туку како партнери во создавањето на иднината. И кога универзитетите и граѓанскиот сектор активно учествуваат во решавањето на реалните предизвици на заедницата.
Токму ова е визијата што сакаме да ја развиваме и во Пелагонија – простор во кој младите, бизнисите, општините и граѓанските организации ќе работат заедно на практични решенија, нови вештини, зелени работни места и иновации што ќе го подобруваат квалитетот на животот во регионот.
Од Холандија не се враќаме со готови модели за копирање. Се враќаме со нови идеи, нови партнерства и уште посилна верба дека соработка, визија и локална посветеност можат да создадат вистински промени.
Пелагонија има потенцијал. Нашата задача е заедно да го претвориме во можности.

Јуни, 2026 год.

Завршен настан во Офицерски дом – Битола за проектот: “Граѓански кругови – од институционален молк до дијалог предводен од млади”

Со успешно реализираниот завршен настан во Офицерски дом – Битола, беше заокружен проектот„Граѓански кругови – од институционален молк до дијалог предводен од млади“, кој во изминатиот период отвори простор за вистински дијалог помеѓу младите, институциите и локалната заедница.

Во рамки на настанот беа презентирани резултатите од локалните демократски кругови, реализираните младински активности и препораките содржани во Регионалната политика за младинско вклучување (Regional Policy Paper), како конкретен чекор кон поголемо и посуштинско учество на младите во процесите на носење одлуки.

Во своите обраќања, градоначалникот на Општина Новаци и претседател на Советот на Пелагонискиот плански регион, Стевче Стевановски, ја потенцираше потребата младите да бидат активни чинители во развојот на локалните заедници и процесите што директно ја обликуваат нивната иднина.

Претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски, се осврна на значењето на создавање механизми преку кои младинскиот глас нема да биде само слушнат, туку и реално вклучен во институционалното делување.

Раководителот за култура при Германската амбасада во Скопје, Кевин Мас, ја истакна важноста од поддршка на иницијативи кои поттикнуваат демократска култура, дијалог и младинско учество како основа за одржливи и инклузивни заедници.

Особен акцент беше ставен и на моделот „локални демократски кругови“, кој, како што посочи раководителот на локалната канцеларија на RYCO во Скопје, Владимир Ѓорѓевски, претставува значајна алатка за градење доверба, соработка и директна комуникација помеѓу младите и институциите, создавајќи простор каде младите не се само учесници, туку и носители на промени.

Проектот „Граѓански кругови – од институционален молк до дијалог предводен од млади“ беше реализиран во партнерство помеѓу Младински културен центар – Битола и Про Локал.
Активноста беше поддржана преку грантовата шема RYCOgnizing YPS, поддржана од Германската соработка и имплементирана од RYCO.
ryco-logos

Јуни, 2026 год.

Регионалната платформа за млади се потврдува како клучен механизам за креирање регионални политики и унапредување на младинското учество

Битола, 13 мај 2026 – Регионалната платформа за млади (РПМ) продолжува да се позиционира како значаен механизам за развој на младински политики, меѓуопштинска соработка и партиципативна демократија во Пелагонискиот регион.

На 13 мај, во Клуб Утопија во Битола, се одржа 5-тата седница на Платформата, на која учествуваа седум градоначалници и претставници на општините од регионот, како и осум граѓански организации – членки на Платформата.

Седницата уште еднаш потврди дека Регионалната платформа за млади функционира како активен простор за дијалог, координација и заедничко креирање регионални иницијативи и политики кои произлегуваат директно од потребите на младите.

Особено значаен момент беше отворањето и разгледувањето на иницијативи и регионални предлог-политики кои се развиваат надвор од проектниот опсег на програмата „Цивика мобилитас“. Овој процес претставува јасен показател дека Платформата прераснува во функционален и одржлив механизам преку кој младите, институциите и граѓанските организации заеднички иницираат решенија и политики што одговараат на реалните потреби на заедницата.

Во рамки на седницата беа разгледани тековните активности на Платформата, како и секторските анализи и препораки во областа на културата и туризмот. Присутните дискутираа за конкретни мерки насочени кон подобрување на младинските политики и поголема вклученост на младите во локалниот и регионалниот развој.

Во делот посветен на туризмот, беше истакната потребата Пелагонискиот регион да се промовира како автентична и одржлива туристичка дестинација преку поголема вклученост на младите. Анализите покажаа дека регионот има значителен потенцијал, но дека е неопходна подобра организација, координација и заеднички настап на општините, локалните туристички субјекти и младите. Во таа насока, беа отворени дискусии за развој на промотивни тури, подобра дигитална видливост на туристичката понуда, создавање интегрирани туристички пакети и поголема поддршка за младинско претприемништво во туризмот. Дополнително, беше потенцирана потребата од едукативни програми и менторска поддршка за младите, со цел тие поактивно да се вклучат во развојот на локалната туристичка економија и создавање нови локални бизниси.

Во областа на културата, учесниците ја нагласија потребата од системски и долгорочен пристап кон локалниот културен развој, особено во помалите општини каде културните содржини и инфраструктура се ограничени. Беше потенцирано дека е неопходно општините да развиваат локални стратегии за култура, да обезбедат порамномерна распределба на средствата и да создадат современи и достапни културни простори за младите. Истовремено, беше истакната важноста од поголема соработка помеѓу институциите, граѓанските организации и образовните установи, со цел младите да бидат активно вклучени не само како публика, туку и како креатори и организатори на културни содржини и настани.

Посебно внимание привлече иницијативата за воведување посебна буџетска ставка „МЛАДИ“ во буџетскиот циркулар – иницијатива која произлезе од заедничката работа на младите и службениците за млади од Пелагонискиот регион. И оваа иницијатива беше разгледувана надвор од директниот проектен опсег на „Цивика мобилитас“, што дополнително ја потврдува способноста на Платформата да генерира реални и одржливи механизми за младинско учество.

Преку редовен дијалог, отворање важни регионални теми и заедничко носење препораки, Регионалната платформа за млади сè повеќе се позиционира како пример за суштинско младинско учество и успешна регионална соработка.

Одржувањето на 5-тата седница претставува уште една потврда дека младите активно го заземаат своето место во процесите на креирање локални и регионални политики, а Платформата продолжува да се развива како простор каде нивниот глас добива реална тежина и институционално значење.

Активностите се реализираат во рамки на проектот „Младински политики по мерка на младите“, со поддршка од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.

Мај, 2026 год.

Праведна енергетска транзиција во Пелагонија – нови вештини, иновации и одржлив економски развој

Про Локал присуствуваше на настанот „Праведна енергетска транзиција во Пелагонија – нови вештини, иновации и одржлив економски развој“, кој ги обедини претставниците од граѓанскиот сектор, институциите и бизнис заедницата со цел отворање дијалог за иднината на регионот.

Настанот беше можност за размена на идеи и искуства поврзани со процесот на енергетска транзиција, развојот на нови зелени вештини и создавање одржливи економски можности за локалната заедница. Во фокусот беа иновациите, поддршката за младите и важноста од заедничко делување во креирањето праведна и инклузивна транзиција.

Про Локал останува посветен на поддршка на иницијативи кои придонесуваат за одржлив локален развој, активно учество на граѓаните и создавање подобри можности за идните генерации.

Мај, 2026 год.

Одржливо партнерство

Про Локал беше дел од настанот посветен на темата „Одржливо партнерство“, организиран од Шведско-македонската стопанска комора, Ротари клуб „Широк Сокак“, Шведската алумни мрежа и Амбасадата на Кралството Шведска во Скопје.

Настанот обедини бројни претставници од бизнис заедницата, граѓанскиот сектор и локалната самоуправа, меѓу кои градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски, како и Неговата екселенција, амбасадорот на Кралството Шведска во Скопје, Ола Сулстром.

Во рамки на настанот се отворија значајни теми поврзани со соработката помеѓу институциите, бизнис секторот и граѓанските организации, со фокус на создавање долгорочни и одржливи партнерства кои ќе придонесат за локален и економски развој.

Претседателката на Про Локал, Емилиа Ѓероска, истакна дека младите се клучниот фактор за секоја нова инвестиција и двигател на успешноста на секој бизнис. Таа потенцираше дека вложувањето во младите, нивните вештини, идеи и потенцијал е основа за создавање одржлива економија и силна локална заедница.

Про Локал продолжува активно да поддржува иницијативи кои поттикнуваат соработка, развој и создавање нови можности за младите и заедницата.

Мај, 2026 год.

Завршен настан: “Менталното здравје кај младите”

На 27 март 2026 година, во Офицерски дом Битола, успешно се одржа завршниот настан од под-проектот „Менталното здравје кај младите“, кој се реализираше во рамки на проектот „Младински политики по мерка на младите“.

Во периодот од октомври 2025 до март 2026 година, Про Локал, во соработка со сите средни училишта од Битола, континуирано работеше со младите преку месечни настани посветени на различни аспекти на менталното здравје. Преку отворени дискусии, интерактивни работилници и заеднички активности, младите имаа можност да споделуваат искуства, да учат и активно да придонесуваат кон создавање поддржувачка и безбедна средина.

Завршниот настан претставуваше можност да се сумираат постигнатите резултати, да се слушнат гласовите на младите и да се истакне важноста од континуирана грижа за менталното здравје. На настанот присуствуваа претставници од локалната самоуправа, вклучително и градоначалникот, како и млади учесници кои активно беа дел од проектните активности во изминатите шест месеци.

Во рамки на настанот се одржа и панел дискусија на тема „Младите и менталното здравје – што се случува во пракса“, која обедини стручни лица од областа на психологијата. Преку отворен дијалог беа споделени практични искуства од работа со млади, предизвици во секојдневната пракса, како и препораки за унапредување на поддршката за менталното здравје во образовниот систем и заедницата.

Дополнително, завршниот настан беше збогатен со уметничка програма подготвена од учениците од СОУ „Таки Даскало“ Битола. Преку драматизацијата „Тишината што вика“, рециталот „Гласот на тишината“ и музичка изведба, младите на емотивен и автентичен начин ја пренесоа својата перспектива за менталното здравје и важноста од негово разбирање.

Овој настан уште еднаш ја потврди потребата од создавање безбеден простор каде младите ќе бидат слушнати, разбрани и поддржани. Истовремено, испрати силна порака дека кога младите се активно вклучени – промените се возможни.

Проектот „Младински политики по мерка на младите“ е поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.

Април, 2026 год.

prolocal-cover-set-01

Практично младинско буџетирање и инклузивно управување

Во периодот од 22 до 24 април во Охрид се одржа обуката на тема „Практично младинско буџетирање и инклузивно управување“, која обедини млади, младински работници и претставници на локални институции со цел зајакнување на младинското учество во процесите на донесување одлуки и локално буџетирање.

Првиот дел од програмата беше посветен на механизмите за младинско учество на локално ниво. Заедно со Јована Јордановска и Мартин Крстиќ – службеник за млади од Општина Куманово, учесниците дискутираа за начините преку кои младите можат активно да се вклучат во процесите на одлучување и да станат двигатели на позитивни промени во своите заедници. Посебен акцент беше ставен на важноста од создавање простор каде што гласот на младите ќе биде слушнат и вреднуван.

Во продолжение на обуката, фокусот беше ставен на наодите од терен и примената на практични алатки и механизми за младинско вклучување. Рубин Николоски ја презентираше улогата и влијанието на ЗМУМП на локално ниво, додека Емилиа Ѓероска ги сподели искуствата и практиките на Про Локал во областа на младинското ангажирање и активно учество. Преку реални примери и конкретни алатки, учесниците имаа можност да се запознаат со успешни модели на младинско учество и локално делување.

Во рамки на вториот ден, проф. д-р Ширет Елези ги воведе учесниците во темата за анатомијата на локалните финансии и улогата на ЗМУМП како алатка за инклузивно младинско буџетирање. Сесијата отвори дискусија за тоа како функционираат локалните буџети, каде постои простор за младинско влијание и на кој начин младите можат активно да учествуваат во процесите на планирање и распределба на средства.

Третиот ден беше посветен на развој на конкретни предлози за младински политики и колективно застапување. Заедно со Јована Јордановска, учесниците работеа на креирање предлози за младински политики, додека со проф. д-р Ширет Елези се дискутираше иницијативата за воведување буџетска ставка „МЛАДИ“, како механизам за посилна поддршка и вклученост на младите во локалните политики.

Обуката заврши со заеднички заклучок дека младинското учество претставува клучен фактор за развој на поинклузивни и одржливи локални заедници. Трите дена беа исполнети со знаење, практична работа, дискусии и нови идеи, а учесниците од Охрид си заминаа со нови перспективи, нови соработки и уште поголема мотивација за создавање позитивни промени во своите средини.

Април, 2026 год.

prolocal-cover-set-01

Архитектонски хакатон „ПЕЛО“ – почеток на простор за младите

Во периодот од 07 до 08 март, во Крушево, во хотел „Вила Гора“, се одржа 36-часовен архитектонски хакатон посветен на креирање визија за Регионален младински хаб „ПЕЛО“ – простор кој има потенцијал да стане реалност.

Овој хакатон обедини 20 млади учесници и 4 ментори, со една заедничка цел – да се одговори на прашањето: каков простор им е потребен на младите во Пелагонија?

Но, ова не беше само натпревар или теоретска вежба. Ова беше процес на заедничко размислување, истражување и создавање. Простор во кој младите имаа можност гласно да ги изразат своите идеи, да експериментираат и да предложат конкретни решенија.

Учесниците беа поделени во внимателно креирани тимови, формирани според нивните знаења, искуства и интереси. Со поддршка од менторите, се создаде динамика во која различните перспективи се надополнуваа, а идеите добиваа форма и насока. Овој пристап овозможи вистинските потреби на младите да бидат слушнати, додека архитектите работеа на нивно преточување во изводливи решенија.

Целта на хакатонот не беше идеите да останат само концепти на хартија, туку да се развиваат понатаму и да добијат реална можност за имплементација. Преку соработка, дијалог и тимска работа, учесниците создадоа основа за простор кој може да стане значаен центар за младите во регионот.

Хакатонот испрати јасна порака – кога на младите ќе им се даде простор да бидат слушнати, видени и поддржани, се отвораат нови можности за развој на заедницата. Ваквите иницијативи не само што генерираат идеи, туку и ги мотивираат младите да размислуваат храбро, да се вклучат активно и да веруваат во својата способност да придонесат кон позитивни промени.

Како организација, Про Локал го иницираше овој хакатон со цел да создаде платформа за поврзување на млади од Пелагонија, архитекти и студенти, кои преку заедничка работа ќе развиваат решенија со вистински потенцијал.

Затоа што идеите не се создаваат сами – тие се раѓаат во разговор, во соработка и во тим.

Април, 2026 год.

Граѓанските организации отворија клучна дебата: дали младинските политики навистина функционираат во пракса?

Не е исто да си млад во село или град

На 26 март во Скопје, граѓанските организации организираа жива и отворена дискусија за тоа колку навистина функционираат младинските политики во пракса. Про Локал ги презентираше наодите од првото национално истражување за влијанието на Законот за младинско учество и младински политики, на сила од 2020 година. Истражувањето открива јасен јаз помеѓу тоа што е предвидено со закон и она што реално се случува на локално ниво.

Клучната порака што произлезе од настанот е едноставна, но загрижувачка – шансите за младите зависат од местото каде живеат. Додека во дел од урбаните општини се воспоставени и функционираат младински механизми, во руралните средини тие често се ограничени или постојат само формално. Ограничените ресурси, недостигот од инфраструктура и послабата поддршка од граѓанскиот сектор ја намалуваат можноста на младите активно да учествуваат во локалните процеси на одлучување.

Овие наоди отворија суштинска дебата меѓу граѓанските организации за тоа како да се премине од формално исполнување на обврските кон реално и влијателно младинско учество. Во дискусијата беше нагласена и улогата на граѓанскиот сектор како еден од ретките актери кои навистина ја гледаат состојбата на терен, ја поддржуваат младинската агенда и создаваат простори за активност на младите.

Преку истражувањето беа споделени и конкретни примери: во општини како Гостивар и Битола, младинските центри функционираат, има обезбедени буџети и активни младински тела. Во други општини, како Градско, Ресен или Долнени, младинските механизми или не постојат, или се нефункционални, а локалните совети често постојат само формално, без програма за работа и без реално влијание врз одлуките.

Во ваков контекст, граѓанските организации играат клучна улога во одржувањето на младинското учество живо – иницираат локални активности, ја следат имплементацијата на законските обврски и алармираат кога тие не се спроведуваат. Во помалите и рурални средини, каде институционалната поддршка е ограничена, тие често се единствениот простор каде младите можат да се информираат, да се вклучат и да го изразат својот глас.

Истовремено, преку ваквите процеси, граѓанските организации придонесуваат и кон унапредување на законската рамка, пренесувајќи ги искуствата од терен во конкретни препораки за подобрување на системот.

Шест години по донесувањето на Законот за младинско учество и младински политики, заклучокот е јасен – неговото реално влијание на терен сè уште е ограничено. Ист пристап не дава исти резултати во урбани и рурални средини, па се потребни пофлексибилни и прилагодени решенија кои ќе ги одразуваат конкретните потреби на младите и капацитетите на општините.

Следниот чекор мора да биде премин од формално постоење кон реално функционирање на системот. Младинските политики имаат смисла само кога навистина се чувствуваат во секојдневието на младите, без разлика каде живеат.

Истражувањето е реализирано со поддршка на програмата Цивика мобилитас, финансирана од Владата на Швајцарија.

Април, 2026 год.

Регионален Младински Форум за Размена

Проектот   „Граѓански кругови: Од институционален молк до дијалог предводен од млади“  кулминираше со одржувањето на Регионалниот младински форум за размена, кој се реализираше во периодот од 26 до 29 март 2026 година во Хотел Милениум Палас – Охрид. На форумот учествуваа околу 30 млади од Северна Македонија и Албанија, кои преку интерактивни сесии, работилници и дискусии имаа можност активно да придонесат кон унапредување на младинското учество во демократските процеси.

Форумот претставуваше значајна платформа за вмрежување и градење партнерства помеѓу младите од двете земји, овозможувајќи простор за отворен дијалог, размена на идеи и споделување на искуства поврзани со граѓанскиот ангажман. Преку внимателно дизајнирана програма, учесниците работеа на идентификување на клучните предизвици со кои се соочуваат младите на локално ниво, како и на развивање иновативни и одржливи решенија.

Особен акцент беше ставен на заедничката работа во мултикултурна средина, каде младите имаа можност да ги унапредат своите комуникациски и тимски вештини, но и да изградат меѓусебна доверба и разбирање. Во рамките на форумот, беа креирани конкретни предлози и препораки насочени кон унапредување на младинските политики, зголемување на транспарентноста и отчетноста на локалните институции, како и поттикнување на поактивно учество на младите во процесите на донесување одлуки.

Дополнително, форумот придонесе кон зајакнување на прекуграничната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија, нагласувајќи ја важноста на регионалниот пристап во справувањето со заедничките предизвици. Преку размена на добри практики и искуства, учесниците поставија основа за идни заеднички иницијативи и соработки.

Регионалниот проект „Граѓански кругови – од институционален молк до дијалог предводен од младите“ се имплементира од Младинскиот културен центар – Битола, во партнерство со Про Локал – Битола и деветте општини од Пелагонискиот регион.

Активноста е поддржана преку шемата за грантови RYCOgnizing YPS, поддржана од германската соработка и имплементирана од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO).

ryco-logos

Март, 2026 год.

Втор Циклус од Локални Демократски Кругови (ЛДК)

Вториот циклус на Локалните демократски кругови, кој се одржа во текот на месец Февруари, претставува значаен чекор во континуираното јакнење на младинското учество во процесите на донесување одлуки на локално ниво. Преку овој циклус, младите од сите девет општини на Пелагонискиот регион имаа можност активно да се вклучат во структуриран дијалог со локалните институции, во безбеден, отворен и инклузивен простор за размена на идеи и заедничко креирање решенија.

Во рамки на првиот циклус на Локалните демократски кругови, младите ги споделија своите искуства, ставови и предизвици со кои се соочуваат во нивните заедници, како и визиите за промените што сметаат дека се неопходни за подобрување на квалитетот на живот. Овие придонеси претставуваа основа за понатамошниот процес, овозможувајќи подлабоко разбирање на младинските потреби на локално ниво.

Во вториот циклус, овие идеи беа повторно разгледани и дополнително разработени во директна консултација со претставници на локалните самоуправи. Во овој процес, за секоја од општините беше идентификуван по еден приоритетен проблем, кој произлезе како најзначаен според локалниот контекст и младинските перспективи. Преку транспарентен и демократски процес на гласање, младите самите ја утврдија најитната потреба во своите заедници, со што беше зајакната нивната улога во процесите на одлучување.

По изборот на приоритетите, учесниците работеа заедно на развој на конкретни, реалистични и применливи иницијативи, насочени кон адресирање на идентификуваните предизвици. Разработените предлози беа формално изготвени и доставени до надлежните општински институции, со цел нивно разгледување и понатамошно интегрирање во локалните политики и мерки.

Во вториот циклус учествуваа околу 150 млади учесници и претставници од сите девет општини на Пелагонискиот регион, што дополнително ја потврдува регионалната важност на процесот и заедничката заложба за унапредување на младинското учество, дијалогот и соработката меѓу младите и институциите.

Регионалниот проект „Граѓански кругови – од институционален молк до дијалог предводен од младите“ се имплементира од Младинскиот културен центар – Битола, во партнерство со Про Локал – Битола и деветте општини од Пелагонискиот регион.

Активноста е поддржана преку шемата за грантови RYCOgnizing YPS, поддржана од германската соработка и имплементирана од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO).
ryco-logos

Февруари, 2026 год.

prolocal-cover-set-01

ЈАВЕН ПОВИК

36H АРХИТЕКТОНСКИ ХАКАТОН

„РЕГИОНАЛЕН МЛАДИНСКИ ХАБ ПЕЛО“

36 часа.
Една локација.
Еден предизвик.

Како изгледа младински ХАБ што младите ќе го изберат?

Про Локал – Битола објавува јавен повик за учество на 36-часовен архитектонско-програмски хакатон за развој на идејно решение за Регионален младински ХАБ во Битола.

Крушево – Хотел Вила Гора
07–08 март 2026
36 часа + 1 ноќевање

Што е задачата?

Да се развие идејно архитектонско и програмско решение за современ, флексибилен и одржлив младински ХАБ кој ќе биде:

• простор за неформално образование
• место за креативна продукција
• платформа за соработка
• урбан симбол на нова генерација

Специјален предизвик

„НУЛА ДЕНАРИ ЗА СМЕТКИ“

Предложениот ХАБ треба да биде концептуализиран како објект со минимални или нула оперативни трошоци преку:

☀️ обновливи извори на енергија
пасивни архитектонски стратегии
♻️ циркуларни материјали
одржливо користење на вода

Кој може да аплицира?

Повикот е отворен за:

• архитекти и студенти по архитектура
• градежни инженери / студенти
• дизајнери за внатрешно уредување
• лица од областа на циркуларна економија / заштита на животна средина
• млади лица од Пелагонискиот регион

Аплицирањето е индивидуално.
Организаторот ќе формира 4 интердисциплинарни тима од по 5 лица.
Во секој тим ќе биде вклучено најмалку едно младо лице од Пелагонија.

Како ќе работиме?

Хакатонот е структуриран во 4 последователни сетови:

СЕТ 1 – Програмска анализа
Дефинирање на потреби, функции и просторна програма.

СЕТ 2 – Локација и типологија
Избор на микролокација во Битола и тип на објект.

СЕТ 3 – Архитектонско решение
Урбана интеграција типологија на објект

СЕТ 4 – Презентација
PDF буклет + краток визуелен материјал.

Награда

Победничкиот тим добива:

Тандем лет со параглајдер во Крушево
или
Викенд во Панорама СПА

Што обезбедуваме?

Сместување (двокреветни соби)
Сите оброци и освежување
Работен простор и техничка поддршка
Печатење
Надомест за патни трошоци во висина на повратна автобуска карта

Како да аплицираш?

Пополнете ја пријавата (линк) и прикачете:

– CV
– Портфолио (доколку имате)
– Кратка мотивација (до 300 зборови)

Рок за пријавување: 04.Март 2026

Ова не е само конкурс.
Ова е можност да дизајнираш простор што реално може да се изгради.

Февруари, 2026 год.

Креативно Едукативна Работилница: Шопингот и менталното здравје

Во рамки на проектот „Младински политики по мерка на младите“, како дел од активностите насочени кон унапредување на менталната благосостојба кај младите во Битола, на 6 февруари 2026 година во просториите на Bliss Mall се одржа креативно-едукативна работилница на тема „Шопингот и менталното здравје“.

Активноста беше реализирана во простор кој природно ги собира младите – место каде тие се дружат, шетаат и носат секојдневни одлуки за купување. Токму таму се отвори дискусија за свесната потрошувачка, за емоционалната вредност што ѝ ја припишуваме на купувањето и за прашањето дали материјалните нешта навистина носат долгорочна среќа или чувството на исполнетост произлегува од внатрешната стабилност и самосвесност.

Работилницата започна со воведно излагање на м-р Марија Магдалена Петковска Микаровска на тема „Шопингот како терапија за менталното здравје“. Во рамки на дискусијата се обработија прашањата поврзани со влијанието на купувањето врз расположението, разликата помеѓу импулсивна и свесна потрошувачка, како и краткорочниот ефект на т.н. „ретeил терапија“. Посебен акцент беше ставен на одржливите навики и на thrift шопингот како одговорна и еколошки прифатлива практика.

Во продолжение следуваше интерактивната игра „Мојот среќен маркет – купи без пари“, водена од м-р Марија Младеновска Димитровска. Преку оваа креативна вежба, учесниците имаа можност симболично да „купуваат“ вредности и чувства наместо материјални производи, размислувајќи што навистина им е потребно за да се чувствуваат исполнето. Активноста поттикна искрена размена на мислења и отвори простор за лични согледувања за сопствените навики и приоритети.

Работилницата заврши во пријатна атмосфера со закуска во Aurum Bliss, каде разговорите продолжија во неформален дух, овозможувајќи дополнително поврзување и продлабочување на темата.

Со оваа активност уште еднаш се потврди дека грижата за менталното здравје може да започне и во секојдневните простори, преку разговори што ги допираат реалните навики и искуства на младите. Свесната потрошувачка, критичкото размислување и личната одговорност се важни чекори кон психолошка стабилност и одржлив начин на живот.

„Про Локал“ ќе продолжи со реализација на активности кои ги вклучуваат младите во процесите на креирање политики и иницијативи по нивна мерка, со посебен фокус на менталната благосостојба и активно учество во заедницата.

Проектот „Младински политики по мерка на младите“ е поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.

Февруари, 2026 год.

Меѓу генерациите: простор за грижа, разговор и перспектива

Во рамки на проектот „Младински политики по мерка на младите“, како дел од под-проектот насочен кон предизвиците на менталното здравје кај младите во Битола, на 30 декември 2025 година, „Про Локал“ во соработка со учениците и професорите од СОУ „Таки Даскало“ – Битола го посетија Домот за стари лица „Св. Спас“ во с. Кравари.

Активноста се одржа во духот на претстојните новогодишни празници, но со подлабока цел – да се создаде безбеден и човечки простор за поврзување, разговор и размена на искуства, како одговор на сè почестите притисоци, сомнежи и внатрешни борби со кои се соочуваат младите денес.

Учениците и професорите пристигнаа со домашно подготвени колачиња – мал, но искрен гест на внимание и почит. Посетата брзо прерасна во топло дружење, исполнето со насмевки, грижа и непосредна блискост. Преку едноставни гестови како нега, разговор и присуство, се создаде вистинска меѓугенерациска врска.

Во тие тивки и искрени разговори, жителите на домот ги споделија своите животни приказни, сеќавања и поуки – зборови полни со искуство и перспектива, кои за младите претставуваа охрабрување и потсетник дека многу малку нешта во животот се конечни, и дека и најтешките моменти поминуваат.

Средбата беше двонасочна: младите дојдоа да подарат грижа, а заминаа со нов поглед кон животот. Воедно, жителите на домот почувствуваа дека се слушнати, ценети и дека нивната мудрост има важно место во заедницата.

Во пресрет на Новата година, оваа иницијатива беше силен потсетник дека грижата за менталното здравје не секогаш започнува со зборови, туку со човечки контакт, разбирање и споделено време. Малите гестови можат да создадат големи промени – и за оние што ги даваат, и за оние што ги примаат.

„Про Локал“, заедно со своите партнери, и со психолозите од средните училишта во градот ќе продолжи со реализација на активности кои ги вклучуваат младите во процесите на креирање политики и иницијативи по нивна мерка, со посебен фокус на менталната благосостојба, општествената одговорност и зајакнувањето на локалната заедница.

Проектот „Младински политики по мерка на младите“ е поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.

Јануари, 2026 год.