prolocal-cover-set-01

ЈАВЕН ПОВИК

36H АРХИТЕКТОНСКИ ХАКАТОН

„РЕГИОНАЛЕН МЛАДИНСКИ ХАБ ПЕЛО“

36 часа.
Една локација.
Еден предизвик.

Како изгледа младински ХАБ што младите ќе го изберат?

Про Локал – Битола објавува јавен повик за учество на 36-часовен архитектонско-програмски хакатон за развој на идејно решение за Регионален младински ХАБ во Битола.

Крушево – Хотел Вила Гора
07–08 март 2026
36 часа + 1 ноќевање

Што е задачата?

Да се развие идејно архитектонско и програмско решение за современ, флексибилен и одржлив младински ХАБ кој ќе биде:

• простор за неформално образование
• место за креативна продукција
• платформа за соработка
• урбан симбол на нова генерација

Специјален предизвик

„НУЛА ДЕНАРИ ЗА СМЕТКИ“

Предложениот ХАБ треба да биде концептуализиран како објект со минимални или нула оперативни трошоци преку:

☀️ обновливи извори на енергија
пасивни архитектонски стратегии
♻️ циркуларни материјали
одржливо користење на вода

Кој може да аплицира?

Повикот е отворен за:

• архитекти и студенти по архитектура
• градежни инженери / студенти
• дизајнери за внатрешно уредување
• лица од областа на циркуларна економија / заштита на животна средина
• млади лица од Пелагонискиот регион

Аплицирањето е индивидуално.
Организаторот ќе формира 4 интердисциплинарни тима од по 5 лица.
Во секој тим ќе биде вклучено најмалку едно младо лице од Пелагонија.

Како ќе работиме?

Хакатонот е структуриран во 4 последователни сетови:

СЕТ 1 – Програмска анализа
Дефинирање на потреби, функции и просторна програма.

СЕТ 2 – Локација и типологија
Избор на микролокација во Битола и тип на објект.

СЕТ 3 – Архитектонско решение
Урбана интеграција типологија на објект

СЕТ 4 – Презентација
PDF буклет + краток визуелен материјал.

Награда

Победничкиот тим добива:

Тандем лет со параглајдер во Крушево
или
Викенд во Панорама СПА

Што обезбедуваме?

Сместување (двокреветни соби)
Сите оброци и освежување
Работен простор и техничка поддршка
Печатење
Надомест за патни трошоци во висина на повратна автобуска карта

Како да аплицираш?

Пополнете ја пријавата (линк) и прикачете:

– CV
– Портфолио (доколку имате)
– Кратка мотивација (до 300 зборови)

Рок за пријавување: 04.Март 2026

Ова не е само конкурс.
Ова е можност да дизајнираш простор што реално може да се изгради.

Февруари, 2026 год.

Креативно Едукативна Работилница: Шопингот и менталното здравје

Во рамки на проектот „Младински политики по мерка на младите“, како дел од активностите насочени кон унапредување на менталната благосостојба кај младите во Битола, на 6 февруари 2026 година во просториите на Bliss Mall се одржа креативно-едукативна работилница на тема „Шопингот и менталното здравје“.

Активноста беше реализирана во простор кој природно ги собира младите – место каде тие се дружат, шетаат и носат секојдневни одлуки за купување. Токму таму се отвори дискусија за свесната потрошувачка, за емоционалната вредност што ѝ ја припишуваме на купувањето и за прашањето дали материјалните нешта навистина носат долгорочна среќа или чувството на исполнетост произлегува од внатрешната стабилност и самосвесност.

Работилницата започна со воведно излагање на м-р Марија Магдалена Петковска Микаровска на тема „Шопингот како терапија за менталното здравје“. Во рамки на дискусијата се обработија прашањата поврзани со влијанието на купувањето врз расположението, разликата помеѓу импулсивна и свесна потрошувачка, како и краткорочниот ефект на т.н. „ретeил терапија“. Посебен акцент беше ставен на одржливите навики и на thrift шопингот како одговорна и еколошки прифатлива практика.

Во продолжение следуваше интерактивната игра „Мојот среќен маркет – купи без пари“, водена од м-р Марија Младеновска Димитровска. Преку оваа креативна вежба, учесниците имаа можност симболично да „купуваат“ вредности и чувства наместо материјални производи, размислувајќи што навистина им е потребно за да се чувствуваат исполнето. Активноста поттикна искрена размена на мислења и отвори простор за лични согледувања за сопствените навики и приоритети.

Работилницата заврши во пријатна атмосфера со закуска во Aurum Bliss, каде разговорите продолжија во неформален дух, овозможувајќи дополнително поврзување и продлабочување на темата.

Со оваа активност уште еднаш се потврди дека грижата за менталното здравје може да започне и во секојдневните простори, преку разговори што ги допираат реалните навики и искуства на младите. Свесната потрошувачка, критичкото размислување и личната одговорност се важни чекори кон психолошка стабилност и одржлив начин на живот.

„Про Локал“ ќе продолжи со реализација на активности кои ги вклучуваат младите во процесите на креирање политики и иницијативи по нивна мерка, со посебен фокус на менталната благосостојба и активно учество во заедницата.

Проектот „Младински политики по мерка на младите“ е поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.

Февруари, 2026 год.

Меѓу генерациите: простор за грижа, разговор и перспектива

Во рамки на проектот „Младински политики по мерка на младите“, како дел од под-проектот насочен кон предизвиците на менталното здравје кај младите во Битола, на 30 декември 2025 година, „Про Локал“ во соработка со учениците и професорите од СОУ „Таки Даскало“ – Битола го посетија Домот за стари лица „Св. Спас“ во с. Кравари.

Активноста се одржа во духот на претстојните новогодишни празници, но со подлабока цел – да се создаде безбеден и човечки простор за поврзување, разговор и размена на искуства, како одговор на сè почестите притисоци, сомнежи и внатрешни борби со кои се соочуваат младите денес.

Учениците и професорите пристигнаа со домашно подготвени колачиња – мал, но искрен гест на внимание и почит. Посетата брзо прерасна во топло дружење, исполнето со насмевки, грижа и непосредна блискост. Преку едноставни гестови како нега, разговор и присуство, се создаде вистинска меѓугенерациска врска.

Во тие тивки и искрени разговори, жителите на домот ги споделија своите животни приказни, сеќавања и поуки – зборови полни со искуство и перспектива, кои за младите претставуваа охрабрување и потсетник дека многу малку нешта во животот се конечни, и дека и најтешките моменти поминуваат.

Средбата беше двонасочна: младите дојдоа да подарат грижа, а заминаа со нов поглед кон животот. Воедно, жителите на домот почувствуваа дека се слушнати, ценети и дека нивната мудрост има важно место во заедницата.

Во пресрет на Новата година, оваа иницијатива беше силен потсетник дека грижата за менталното здравје не секогаш започнува со зборови, туку со човечки контакт, разбирање и споделено време. Малите гестови можат да создадат големи промени – и за оние што ги даваат, и за оние што ги примаат.

„Про Локал“, заедно со своите партнери, и со психолозите од средните училишта во градот ќе продолжи со реализација на активности кои ги вклучуваат младите во процесите на креирање политики и иницијативи по нивна мерка, со посебен фокус на менталната благосостојба, општествената одговорност и зајакнувањето на локалната заедница.

Проектот „Младински политики по мерка на младите“ е поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.

Јануари, 2026 год.