Успешно реализиран Локален форум: „Активно вклучување на засегнатите страни во решавање на локалните прашања“

На 3 април 2025 година, во Офицерски дом во Битола, Здружението Про Локал со поддршка на Општина Битола успешно го организираше Локалниот форум на тема „Активно вклучување на засегнатите страни во решавање на локалните прашања“, во рамките на проектот „Битола 2.0 – Дигитална општина поблиска до своите граѓани“.

Настанот го отворија Емилиа Ѓероска, претседателка на Про Локал, и Борче Димитровски, секретар на Општина Битола. Тие ја истакнаа важноста од градење партнерства меѓу граѓаните и локалната власт за поефикасно адресирање на предизвиците поврзани со дигитализацијата на услугите.

Форумот започна со презентација на резултатите од анкетата за мерење на задоволството на граѓаните од дигиталните услуги во Општина Битола, претставени од проф. д-р Ана Секуловска. Следеа интерактивни работни сесии во кои учесниците ги идентификуваа клучните проблеми и предизвици со кои се соочуваат граѓаните, пред се младите, при користењето на дигиталните општински услуги.

Во фокусот на дискусијата беа:

  • Предизвиците во пристапот до дигитални услуги и нивната функционалност
  • Потребата од поголема информираност и дигитална писменост кај граѓаните
  • Недостатоците во комуникацијата меѓу администрацијата и граѓаните преку дигитални канали.

Како краен резултат, учесниците идентификуваа повеќе од 20 конкретни предлози за развој на ИТ алатки кои треба да ја забрзаат дигитализацијата на јавните услуги на Општина Битола, во областите како што се култура, сообраќај, животна средина и образование.

Форумот заврши со утврдени следни чекори за натамошна соработка помеѓу засегнатите страни и градење механизми за транспарентно следење на напредокот.

Овој форум е дел од проектот „Битола 2.0 – Дигитална општина поблиска до граѓаните“, финансиран од Европската Унија и кофинансиран од Австриската Развојна Агенција, како дел од „Проектот за креирање на овозможувачка околина во земјите од Западен Балкан за мониторинг на реформите на јавна администрација од страна на граѓанско општество – WeBER 3.0“. Давател на грантот е Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје.

Младите активно учествуваат во креирањето на локалните политики преку Регионалната платформа за млади

На третата средба на Регионалната платформа за млади, која што се одржа на 13.02.2025 во Офицерски Дом Битола, младите од Пелагонискиот регион активно дебатираа со градоначалниците за клучни прашања што ги засегаат, во присуство и на Амбасадорката на Швајцарија, г-ѓа Вероник Улман. На средбата присутни беа и Претседателите на Совет и претставници од Општинските Совети.
Средбата претставуваше можност за размена на идеи и заедничко усвојување на конкретни мерки кои ќе се реализираат во сите девет општини до крајот на годината. Дискусиите беа насочени кон локалниот економски развој, заштитата на животната средина и унапредувањето на здравствената и противпожарната заштита.
Како резултат на средбата, усвоени се конкретни мерки кои ќе се реализираат во сите девет општини до крајот на годината, меѓу кои вклучување на органскиот отпад во циркуларната економија, пилот-проект за управување со отпад во училиштата, едукација за противпожарна заштита како дел од воннаставните активности, организирање на регионален натпревар за младинско претприемништво и спроведување на бизнис-обуки за млади претприемачи.
Регионалната платформа за млади претставува иновативен механизам за партиципативна демократија, чија цел е да го зајакне учеството на младите во процесите на донесување одлуки на локално ниво. Овој механизам се пилотира во рамките на проектот „Младински политики по мерка на младите“, кој го спроведува Про Локал во соработка со осум локални граѓански организации.
Амбасадорката Улман нагласи дека вклучувањето на младите во креирањето на политиките е од суштинско значење за развојот на локалните заедници, истакнувајќи дека нивниот глас и идеи мора да бидат интегрирани во процесите на носење одлуки.
Проектот “Младински политики по мерка на младите“ е поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика Мобилитас.

Февруари, 2025 год.