Колку се свесни младите за корупцијата во нашата земја?
Јавната дебата на тема „Корупција“, одржана на 15.09.2024 година во Кино Манаки Битола, модерирана од новинарот Васко Маглешов, привлече млади од целиот Пелагониски регион, меѓу кои и учесници во проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија 2“, имплементиран од Про Локал и поддржан од Амбасадата на Холандија.
„Борбата против корупцијата треба да биде секојдневна, чекор по чекор и со храброст, без страв“, порачаа трите панелисти на дебатата: Билјана Ивановска, Советник на Главниот ревизор на Ревизорско тело за ИПА фондови, Герман Филков, антикорупциски активист и Деница Чадиковска, уредник за комуникации, ИРЛ.
Младите имаа можност да научат дека корупцијата не е само нешто апстрактно. Напротив, загадениот воздух што го дишеме, нечистата вода што ја пиеме, па дури и понижувачките искуства што често ги доживуваме во институциите – сето тоа е резултат на корупцијата.
Герман Филков истакна дека младите можат да направат многу во борбата против корупцијата. Тој ги охрабри: „Кога ќе забележите нешто што ви боде очи, веднаш интересирајте се и реагирајте!“
На крајот, поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска, испрати јасна порака: „Секој од нас може да додаде камче во мозаикот и да придонесе во борбата против корупцијата, која може да се спречи со системски пристап но да започнеме со личен пример.“
Септемрви, 2024
Почитувани,
Про Локал Ве поканува на јавна дебата на тема „КОРУПЦИЈА“ која младите од Пелагонискиот регион ја одбраа како 4-та по ред во рамките на проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија 2“.
Дебатата ќе се одржи во недела, на 15-ти септември, со почеток во 18 часот во Кино Манаки, Битола.
Да дознаеме заедно, зошто младите од Пелагонија ја одбраа баш оваа тема за јавна дебата и кои се нивните перцепции ?!
Во прилог Ви доставуваме ПОКАНА и се надеваме дека ќе можете да присуствувате на дебатата, има навистина интересни гости кои со години наназад се занимаваат со ова прашање.
Проектот е поддржан од Амбасадата на Холандија и 9-те општини од Пелагонискиот регион а го имплементира Про Локал во соработка со 8 ГО од регионот.
Септемрви, 2024
Битола 2.0 – Дигитална општина поблискa до своите граѓани
Про Локал започна со имплементација на проектот „Битола 2.0 – Дигитална општина поблискa до своите граѓани“ кој е посветен на унапредување на дигиталната трансформација на Битола, една од најголемите единици на локалната самоуправа во Северна Македонија. И покрај тоа што во Општина Битола е постигнат значителен напредок во дигитализацијата на општинските услуги, проектот се стреми да го поддржи процесот на дигитализацијата на јавната администрација на Општината, ставајќи посебен фокус на вклучувањето на младите поради статусот на Битола како универзитетски град.
Времетраење на проектот:
14 месеци (мај 2024 – јуни 2025)
Цел:
Подобрување на испораката на услуги и спроведување на реформата на јавната администрација во Општина Битола преку дигитализација и зајакнат граѓански ангажман.
Целна група на проектот:
Најмалку 50.000 граѓани на Општина Битола,
Општинската администрација и јавните комунални претпријатија на Општина Битола,
Граѓанското општество и неформалните групи од Битола.
Очекувани резултати на проектот:
Граѓаните на Општина Битола се директно вклучени во идентификацијата, адресирањето и решавањето на предизвиците и локалните потреби.
Зголемено учество на граѓаните на Општина Битола и нивно активно вклучување во процесите на одлучување и генерирање на релевантни решенија.
Креирана, тестирана и ставена во функција ИТ/дигитална алатка за директна комуникација со граѓаните на Општина Битола и разбирање на потребите на заедницата преку емпатична интеракција.
Подобрена испорака на услуги, транспаретно владеење, одговорност и севкупно задоволство од општинските услуги во Општина Битола.
Главни активности на проектот:
1. Спроведување на излезнa анкетa за собирање повратни информации од граѓаните на локално ниво (exit polling).
2. Анкета за мерење на степенот на задоволство на граѓаните од дигитализацијата на услугите на Општина Битола (чекор 1 Емпатија и чекор 2 Дефинирање од Дизајн размислување методологија).
3. Организација на локален Форум и општинска проверка на постигнувањето на Целите на Одржлив Развој согласно методологијата на KDZ.
4. Изработка на прототип на дигитална алатка за унапредување на услугите кон граѓаните во Општина Битола и нејзино тестирање.
5. Финализација и ставање во функција на дигитална алатка за унапредување на услугите кон граѓаните во Општина Битола.
6. Изработка на Мониторинг – извештај за состојбата со реформата на јавната администрација во Општина Битола.
7. Организација на Форум за дисеминација на резултатите на Мониторинг-извештајот, промоција на дигиталната алатка за унапредување на услугите кон граѓаните во Општина Битола и добивање на повратна информација.
Проектот е финансиран од Европската Унија и кофинансиран од Австриската Развојна Агенција како дел од Проектот за креирање на овозможувачка околина во земјите од Западен Балкан за мониторинг на реформите на јавна администрација од страна на граѓанско општество – WeBER 3.0 додека давател на грантот е Институтот за Европска Политика – Скопје.
Август, 2024
НЕ Е ВАЖНО ДАЛИ Е ПРИВАТЕН ИЛИ ДРЖАВЕН ФАКУЛТЕТОТ ТУКУ ДА СЕ ОДБЕРЕ КВАЛИТЕТНО ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ
Младите од Пелагонискиот регион дебатираа заедно со академската фела, дали е подобро да се студира на приватен или на државен Универзитет. Во преполната сала на Кино Манаки, Ректорите на битолскиот државен универзитет „Св. Климент Охридски“, д-р Игор Неделковски и д-р Аце Миленковски од приватниот Универзитетот „Скопје“ ги одбранија своите високообразовни институции со аргументи за квалитетот на наставата која ја нудат. Доминираа тезите дека државните факултети нудат знаење и традиција наспроти технологија и современи методи на учење кои се практикуваат на приватните факултети.
Од друга страна, студентите на панелот јавно кажаа дека најважно е да се заврши факултет со кој ќе може да се вработите веднаш по дипломирањето но и дека студентите најчесто бираат факултет кој им е подостапен, и финансиски и географски. Во таа смисла, Силвија Попчановска, студентка на постдипломски студии на БАС академијата „Смилевски“ од Битола, рече дека е важно да се запрашаме колкав е бројот на студенти кои дипломирале, а останале без работа или пак се вработиле на позиции кои не се соодветни на нивните дипломи.
Публиката, во која седеа повеќе од стотина млади од регионот и професори од државниот и приватните универзитети во регионот, го отвори прашањето, кој нуди квалитетно високо образование? Дали приватните факултети делат дипломи како тоа да се обични безвредни листови хартија, а пак дали државните се заминати на „пауза“ која трае веќе 30 години?
Д-р Илиос Вилос, редовниот професор на Техничкиот факултет во Битола, изјави дека вистинскат борба меѓу Универзитетите не треба да се води меѓу приватните и државните бидејќи како што рече „додека дел од професорите вербално се напаѓаат меѓу себе дали е подобро да се студира на државен или на приватен факултет во Македонија, младите ни заминуваат да студираат во странство, во Словенија, Грција и Бугарија. Тоа е вистинската опасност, таму нудат европски дипломи по многу поволни услови за студирање а јас тврдам дека квалитетот на наставата, особено на техничките и градежни струку не е ништо повисок од оној што го имаме овде“.
Се дебатираше и околу прашањето дали партиципацијата за студирање со која се финансираат факултетите, ги втурна државните Универзитети во трка за запишување на огромни бројки на студенти наместо во трка по квалитетни студиски програми и квалитетни дипломци? Од друга страна, приватните факултети имаат повеќе од 80% дипломирани наспроти запишани студенти. Дали овие високи бројки говорат дека студирањето на приватни високо-образовни инстиуции е „лесно“?
Младите од регионот беа едногласни, најважно е да се одбере квалитетно високо образование, да се стигне до диплома со која лесно се наоѓа работа. Емилиа Ѓероска, претседател на Про локал го сподели јавно ставот на граѓанскиот сектор, дека високообразовниот систем системот затајува, не одговара на потребите на младите кои од ден во ден ја губат довербата во високото образование во целост, независно дали станува збор за државни или приватни Универзитети и дека се приморани да размислуваат за студирање надвор од земјава ако сакаат да се стекнат со вештини и знаења кои се апликативни на пазарот на труд и со кои можат полесно да најдат работа по дипломирањето.
Дебатата ја организираше Про Локал заедно со локалните партнери од Пелагонискиот регион, а со поддршка на Амбасадата на Кралството Холандија.
Јуни, 2024
Завршен настан на проектот „Различни потреби – Идентични права”
На 28.05.2024 во просториите на Млади Хаб Битола се одржа Завршен настан за дисеминација на проектните резултати во рамки на проектот „Различни потреби – Идентични права“.
Настанот го започна Елена Ѓероска, проектен координатор, додека Емилиа Ѓероска, проектен менаџер, истакна дека 18 млади од 9 рурални пелагониски општини со овој проект се обучени за вистинско младинско вклучување во процесот на креирање и носење политики. Односно 18 млади се подготвени да се вклучат во процесите на административно-правна соработка со општинските совети и градоначалниците.
На настанот беше промовирана и Анализата за специфичните потреби/проблеми на младите во руралните средини наспроти младите кои живеат во урбани населени места. Од страна на консултантот Рубин Николоски беа презентирани сите наоди, но и препораки за реалните проблеми на младите од руралните средини. Спроведената анализа за потребите и проблемите на младите од руралните средини опфати теренското истражување, анализа на документи и дата бази, интервјуа со млади, локални власти и граѓанси организации.
Беа презентирани и иницијативи од страна на младите од две општини од рурална Пелагонија, кои со обуките одржани во рамките на проектот ги зајакнаа своите капацитети, со цел поголема вклученост во носењето на одлуки во нивните локални заедници.
Оваа активност е дел од проектот „Заедници инклузивни за млади“, кој го спроведуваат Националниот младински совет на Македонија – НМСМ, во партнерство со Фондација за развој на локалната заедница – Штип, SFERA International Битола и Платформа за младинско јакнење ЈЕП – Гостивар, со финансиска поддршка од Европската Унија. Главната цел на проектот е подобрување на локалното владеење преку зголемена инклузивност и општествено влијание на младите во локалниот демократски живот.Проектот се спроведува со финансиска поддршка од Европската Унија.
Мај, 2024
Со куглање до соработка – започна проектот „Младински политики по мерка на младите“
Младите од Пелагонија ги „предизвикаа“ политичарите на натпревар во куглање! Со резултатска неизвесност до последните кугли, во една динамична и мотивирачка игра, младите се дружеа со градоначалниците и советниците од деветте пелагониски општини и разговараа како заедно да креираат и носат политики по мерка на младите.
Про Локал заедно со уште осум локални организации во наредните три години ќе работат на практично вклучување на младите во работењето на општините. Ќе се истражуваат можностите за соработка кои се атрактивни за младите и одговараат на нивните потреби во местата каде што живеат но, и дали истите можат да се предвидат во Законот за млади. Ќе се тестира механизмот на здружување на локалните ресурси за заедничко решавање на младинските предизвици во Пелагонискиот регион.
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски ги поздрави младите во име на политичарите и истакна дека возрасните учат од младите. Тој се надева дека по завршувањето на овој проект ќе можат сите заедно да се пофалат со новите младински политики скроени по мерка на младите кои ќе се имплементираат за да направат вистинска промена во локалните заедници.
Проектот е поддржан од од владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.
Мај, 2024
Сертификати за учество на младите во креирањето на локални политики
50 млади луѓе од рурална Пелагонија се здобија со Интернационални Сертификати за неформално образование за граѓанско учество. Младите од проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија 2“ имаа исклучителна можност да учествуваат на Тренингот за граѓанско учество, 25-28.04.2024 во Охрид, кој го одржа експертот Willeke van Leeuwen, од високо ценетата Академија за локално владеење од Хаг, Кралство Холандија. На тренингот учествуваа и претставници од Про Локал, Битола и претставници од уште осум локални граѓански организации од рурална Пелагонија.
Интерактивните сесии, дискусиите и многуте вежби пренесоа практични знаења до младите како до поголема вклученост и креирање на локални политики во својата локална заедница. Фокусот беше ставен и на методите за градење на капацитетите на младинските организации во соработка со локалната самоуправа и како заедно да обезбедиме висок степен на младинско учество и мотивирачки простор за развој на младински политики на локално ниво.
Четиридневниот Тренинг заврши со свечено доделување на Сертификати за успешно завршен Тренинг, на повеќе од 60 учесници и присутни на истиот.
Април, 2024
Закон за младинско учество и младински политики
Како дел од активностите на проектот „Различни потреби – Идентични права“ на 13 Април 2024 год во Млади Хуб во Битола, се одржа Тренинг за законот за млади – ЗМУМП, насочен кон 18 млади поединци од руралните области на Пелагонија. Целта на обуката беше:
– 18 млади лица од рурална Пелагонија да се запознаат со Законот за младинско учество и младински политики локално ниво
– да се информираат за младинското вклучување и промовирање на младински активизам преку локалните ГО
Во теоретскиот дел учесниците се запознаа со Законот за млади, како е изработен, донесен, што е важно околу него.
Во практичниот дел на младите им се даде шанса да изработат “Закон за млади“ онаков каков што сметаат дека треба да биде, со практична вежба каде тие ќе застанат како спроведувачи на Законот.
Оваа активност е дел од проектот „Заедници инклузивни за млади“, кој го спроведуваат Националниот младински совет на Македонија – НМСМ, во партнерство со Фондација за развој на локалната заедница – Штип, SFERA International Битола и Платформа за младинско јакнење ЈЕП – Гостивар, со финансиска поддршка од Европската Унија. Главната цел на проектот е подобрување на локалното владеење преку зголемена инклузивност и општествено влијание на младите во локалниот демократски живот.Проектот се спроведува со финансиска поддршка од Европската Унија.
Април, 2024
Тренинг за Младински активизам и outreach
Од 11ти до 13ти Април во Битола се одржа Тренинг за Младински активизам и Outreach, во рамки на проектот „Зајакнување на луѓето до Пелагонија 2“.
Овој тренинг имаше за цел да обезбеди знаење и вештини за младински активизам и outreach на учесниците од 9 различни организации. Преку различни неформални методи, учесниците стекнаа нови знаења и алатки за како да воспостават програми за младински активизам користејќи неформални методи на образование и како да ги зголемат нивните волонтерски јадра. Во рамките на тренингот, беа презентирани практични примери за воспоставување механизми кои го олеснуваат процесот на правење на промени и кои овозможуваат соработка помеѓу младите активисти и граѓанските организации.
Дополнително, учесниците го подобрија својот пристап во работата со младите лица како да ги привлечат младите активисти во нивните организации. Овој тренинг овозможи засилување на капацитетот на вклучените граѓански организации за работа со млади како дел од нивната секојдневна работа. Овие нови знаења и вештини им овозможија на учесниците да бидат поефективни во својата младинска работа и да ја зголемат својата присутност и влијание во заедницата.
Април, 2024
Прва младинска платформа во Пелагонија
Првата младинска платформа е имплементирана во Пелагонискиот регион: Нова ера за зајакнување на младите
Во значајна иницијатива насочена кон справување со предизвиците со кои се соочуваат младите во регионот, сто динамични млади поединци од Пелагонискиот регион успешно ја лансираа првата Младинска платформа. Овој пионерски проект означува голем скок кон унапредување на соработката помеѓу граѓанскиот и јавниот сектор, со крајна цел за подигање на гласот на младите во заедницата.
Девет клучни локални организации, предводени од Про Локал, и деветте општини од Пелагонискиот регион, потпишаа меморандум кој означува колективна заложба за искористување на човечките и финансиските ресурси за позитивно трансформирање на условите за живот на младите во регионот.
Емилиа Ѓероска, претседателка на Pro Local, ја најави иницијативата, наведувајќи: „Денес ни се придружуваат 100 нови млади лидери кои се збогатија со витални знаења и вештини во текот на изминатите три години, сите во стремеж за подобрување на нивната заедница. Воспоставувањето на оваа платформа означува храбар чекор напред, олицетворувајќи ја нашата заедничка определба да поттикнеме позитивна промена за младите во нашиот регион.“
Тони Коњановски, градоначалникот на Битола, претставувајќи ги градоначалниците од Пелагонискиот регион, увери дека општинските врати се секогаш отворени за свежи идеи и предлози насочени кон општествено подобрување. Тој изјави: „Младинската платформа ќе функционира на принцип на еднаквост, обезбедувајќи еднакви права. Тоа значи дека ќе носи одлуки со еднакво право на глас меѓу политичарите и граѓанските активисти“.
Заменик амбасадорот на Кралството Холандија, Н.Е. Роберт Декер, упати честитки до младите за нивната проактивен став кон општествените предизвици, инспирирајќи ги нивните врсници од целиот земја. Тој ја пофали Платформата како критичен механизам за континуиран успех на соработката меѓу локалните власти и граѓанскиот сектор. Оваа иницијатива произлегува од проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија“, поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија.
Март, 2024
Тренинг за застапување
Како дел од активностите на проектот „Различни потреби – Идентични права“ на 23 Март 2024 год во Млади Хуб во Битола, се одржа Обуката за застапување, насочена кон 18 млади поединци од руралните области на Пелагонија. Целта на обуката беше да се зајакне нивното разбирање за правата на младинско учество, процедурите кои им стојат на располагање на младите за унапредување на условите за раст и развој, како и да се стекнат со нови знаења за тоа кои се правните рамки кои ги поддржуваат овие процеси, вклучувајќи го законот за младинско учество и младински политики и Законот за локална самоуправа. Сесиите од тренингот беа дизајнирани за да им овозможат на учесниците да се здобијат со техники за застапување и алатки за ефективно претставување во локалните средини преку користење на механизмите за учество како што се локалните младински совети.
Оваа активност е дел од проектот „Заедници инклузивни за млади“, кој го спроведуваат Националниот младински совет на Македонија – НМСМ, во партнерство со Фондација за развој на локалната заедница – Штип, SFERA International Битола и Платформа за младинско јакнење ЈЕП – Гостивар, со финансиска поддршка од Европската Унија. Главната цел на проектот е подобрување на локалното владеење преку зголемена инклузивност и општествено влијание на младите во локалниот демократски живот.Проектот се спроведува со финансиска поддршка од Европската Унија.
Март, 2024
Слободата на изразување е основно човеково право
Од 2ри до 3ти март во Битола се одржа и 10-та по ред обука во рамки на проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија 2“.
На тема „Човекови права, културна разноликост и социјална кохезија“ разговаравме со експерт и активист во граѓанскиот сектор – Фатма Бајрам Аземовска. Преку интересни квиз прашања ги дискутиравме човековите права во Македонија, културни елементи на сите народи во нашата земја, како и за тоа кои се факторите за одржливост на социјалната кохезија во една држава.
Денот го завршивме со Владимир Павловски, учесник од претходната генерација на проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија“, кој што ни го сподели своето искуство во проектот и низ презенатција ни раскажа што значи граѓански активизам и колку е важно вклучувањето на младите во општествените процеси кои ќе придонесат тие да се чувствуваат дека се дел од промените во едно општество.
Вториот ден од оваа обука започна со посета на Археолошки локалитет Хераклеа Линкестис, додека од туристичкиот водич Рубин Николоски дознавме интересни информации за еден од позначајните антички градови во Македонија.
Со Димитар Митров – експерт во областа на сексуалното образование, разговаравме на тема „Слобода на сексуално изразување“, односно за демистифицирање на табуата и стереотипите околу сексуалното изразување. Беше развиена дискусија околу слободата на сексуалното изразување денес и низ историјата, претставено преку прикажување на фотографии и куси видеа кои говорат за трендовите и конкретните табуа и стереотипи кон тоа што е општесвено прифатливо изразување на сексуалноста денес и некогаш.
Март, 2024
Тренинг за стратешко планирање
Во рамки на проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија 2“, се одржа Тренинг за стратешко планирање, од 21ви до 23ти февруари во Битола. На тренингот беа присутни по два членови од сите 9 организации, вклучени во проектот.
Претставниците на организациите имаа можност да осознаат во која насока на дејствување им се движат организациите и да направат анализа на моменталната ситуација во организациите.
Покрај тоа што беа анализирани моменталните ситуации во организациите, детално беа разработени и SWOT анализата и PESTLE анализата, за подоцна да следува дефинирање на стратешки цели, приоритети и индикатори. На крај беше направена и подготовка на Акциски план со индикативен финансиски план.
Тродневниот тренинг за стратешко планирање вклучуваше теоретски дел, но и практична работа во групи.
Февруари, 2024
Aнализа на специфични младински потреби и проблеми во рурална Пелагонија
Како дел од активностите на проектот „Различни потреби – Идентични права“ започна процес на подготовка на Aнализа на специфични младински потреби и проблеми во рурална Пелагонија.
Процесот на изработка на Анализата е во периодот јануари-февруари 2024 година.
Изработката на Анализата вклучува сет од мултидисциплинарни примарни и секундарни истражувачки алатки како и алатки за обезбедување на повратна информација од три целни групи кои ќе бидат вклучени во обезбедувањето на инпут за нејзината соджина и тоа:
• млади од руралните средини во Пелагонија;
• носители на одлуки во регионот;
• граѓанскиот сектор во Пелагонија чиј примарен фокус на делување е во секторот млади и младински политики.
При изготвувањето на Aнализата посебен фокус ќе се стави на ефикасно собирање на квалитетни статистички податоци за трендовите во секторот млади како и демографските, социо-културните и економските параметри кои ги дефинираат потребите и проблемите на младите во руралните средини во регионот.
Оваа активност е дел од проектот „Заедници инклузивни за млади“, кој го спроведуваат Националниот младински совет на Македонија – НМСМ, во партнерство со Фондација за развој на локалната заедница – Штип, SFERA International Битола и Платформа за младинско јакнење ЈЕП – Гостивар, со финансиска поддршка од Европската Унија. Главната цел на проектот е подобрување на локалното владеење преку зголемена инклузивност и општествено влијание на младите во локалниот демократски живот.
Проектот се спроведува со финансиска поддршка од Европската Унија.
14 Февруари, 2024
Младите таленти низ проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија 2“
Во Охрид (02-03.02.2024) се одржа и 9-тата обука во рамки на проектот„Зајакнување на луѓето од Пелагонија 2“.
Со мотивирачки старт младите ги презентираа предлог идеите/проектите,пред претставници од општините. Тие имаа можност да ги споделат своите идеи, но и да слушнат кои сѐ процедури и постапки ќе бидат потребни во целиот процес на имплементација на проектите. На крајот на овааработна сесија беа одбрани 9-те најдобри идеи.
Продолживме со работилницата за личен развој заедно со експертот Тони Попов, уметник, на тема „Како да ги искористиш своите таленети“. Разговаравме за тоа што значи талент и како да знаеме дека го поседуваме, кои нешта се потребни за развивање на талентот и како да се справиме со предизвиците и стравот од неуспех. Работилницата ја завршивме со уметничи чин, па секој од учесниците ја долови својата креативност со помош на бои и хартија.
Првиот ден од оваа обука го завршивме со Дејан Ристевски, IT експерт, кој што со одреден број на учесници дискутираше околу формирањето на електронска алатка со која наједноставно и најбрзо сите млади од Пелагонија би стапиле во комуникација со контакт лицата од општините.
Вториот ден го започнавме со Герман Филков, аналитичар и истражувач во областа на доброто управување, на тема „Транспарентност и отчетност на локалната самоуправа“. Работилницата започна со објаснување на значењето на поимите транспарентност и отчетност, а потоа младите дискутираа околу тоа колку општините и институциите во Пелагонија се транспарентни и Отчетни.
Михаела Стојановска, учесник од претходната генерација на проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија“, го сподели своето искуство во проектот, но и нејзиниот талент за фотографирање. Таа истакна дека нејзиниот талент како фотограф испливал на површина, сликајќи низ активностите на проектот. Таа ги поттикна младите да ги изразуваат своите таленти и способности без разлика на околностите.
Сосема за крај, Теона Колодезни, која што е учесник во проектот, ги презентираше сите предлог дизајни потребни за визибилност на проектот, додека учесниците одбраа еден кој што ќе биде заштитен знак на сите учесници на проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија 2“.
Февруари, 2024