Културата се среќава со технологијата: Завршен Форум за првиот Дигитален културен календар на Битола

Во рамки на проектот „Битола 2.0 – Дигитална општина поблиску до граѓаните“, вчера во Битола се одржа завршниот Форум, кој ги обедини културните институции, организации од граѓанското општество, Универзитетот и граѓаните за да го претстават и официјално лансираат првиот Дигитален културен календар на градот.

Настанот го заокружи повеќемесечниот процес на соработка, тестирање и отворен дијалог меѓу културните чинители и заедницата, кои споделуваат заедничка визија: богатиот културен живот на Битола да стане подостапен, повидлив и полесен за користење преку единствена дигитална алатка, сега достапна на event.bitola.gov.mk.

Особено значајно е што оваа иницијатива не произлезе само од институциите — таа е инспирирана и обликувана од самите граѓани на Битола, при што најсилен поттик дадоа младите. Преку претходните јавни консултации, младите постојано ја истакнуваа потребата од еден јасен, прегледен и практичен извор на информации за сè што се случува во градот, за полесно планирање и следење на културниот живот.

Новиот Дигитален културен календар, што го пилотира Општина Битола со поддршка од Про Локал, Европската Унија и Австриската Развојна Агенција, директно одговара на оваа потреба и го решава предизвикот со фрагментираното информирање за настаните преку многубројни некоординирани платформи и канали. Првпат граѓаните ќе можат да ги најдат сите културни и спортски настани на едно место, да ги филтрираат по категорија, датум, организатор или локација, и да се претплатат за навремени известувања — сè тоа од било кој уред.

Клучен момент на Форумот беше потпишувањето на Меморандум за соработка помеѓу Општина Битола и 26 културни провајдери од градот. Овој договор на сите институции им овозможува пристап до бекофисот на платформата, со што самостојно ќе можат навремено и прецизно да ги објавуваат и ажурираат содржините. Така, граѓаните ќе имаат сигурни, точни и ажурни информации за тоа што се случува во градот — и што следува — со програма што ќе биде видлива и пребарлива за неколку месеци однапред.

Како функционира?

  • Календарот е целосно интерактивен веб-модул интегриран на официјалната страница на Општина Битола: event.bitola.gov.mk
  • Настаните се прикажани по категории: музика, театар, спорт, изложби и други
  • Корисниците можат да филтрираат по датум, организатор или локација и да се претплатат на месечни билтени
  • Културните институции, НВО, универзитети и неформални групи ќе можат да предлагаат настани преку безбеден формулар, со модерација за точност и квалитет
  • Системот е прилагоден за мобилни уреди и лесно се интегрира со социјални мрежи и партнерски портали

Важен аспект на оваа нова дигитална алатка е нејзината одржливост. Дигиталниот културен календар не е посебна независна платформа — тој е дизајниран како официјална општинска веб-апликација, која се хостира и одржува заедно со официјалната веб-страница на Општина Битола. Ова гарантира дека Календарот ќе остане функционален, редовно ажуриран и институционално вграден уште многу години.

Развојот и координацијата на Календарот се водат од Културно информативен центар – Битола, во блиска соработка со Општина Битола. Со овој нов чекор, Битола ја спојува културата и технологијата за да одговори на вистинските потреби на своите граѓани — особено на младите — и да го направи културниот живот на градот повидлив, поврзан и подостапен за сите.

Проектот „Битола 2.0 – Дигитална општина поблиску до граѓаните“ е финансиран од Европската Унија и кофинансиран од Австриската Развојна Агенција, како дел од програмата „Креирање на овозможувачка околина за мониторинг на реформите на јавна администрација од страна на граѓанското општество во земјите од Западен Балкан – WeBER 3.0“. Давател на грантот е Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје.

Јули, 2025 год.

Културата се среќава со технологијата: Битола го пилотира новиот Дигитален културен календар

Во рамки на иницијативата „Битола 2.0 – Дигитална општина поблиску до граѓаните“, поддржана од Европската Унија , Про Локал организираше конструктивна и визионерска средба на [внеси датум] во Културно-информативниот центар – Битола. Настанот ги собра претставниците на културните институции, локалните фестивали и организации кои активно ја обликуваат културната сцена на градот.

Фокусот на средбата беше првото јавно тестирање на новиот Дигитален културен календар на Битола – иновативна платформа која ќе ги обедини сите културни настани во градот на едно, лесно достапно дигитално место.

Од изложби и концерти до театарски претстави и креативни работилници, оваа алатка има за цел да го поедностави пристапот до информации за културната понуда во Битола – без потреба од пребарување низ повеќе веб-страници и социјални мрежи, туку преку единствен дигитален простор за културата.

Присутните учесници имаа можност директно да ја тестираат платформата, да дадат практични коментари и да предложат вредни подобрувања за изгледот и функционалноста пред нејзиното официјално објавување.

„Културата е заеднички напор – а Битола уште еднаш покажа дека вистински го живее тоа начело.“

Очекуваме официјалното лансирање на календарот наскоро – како решение што ќе придонесе за поголема видливост, подобра координација и активно учество на граѓаните во културниот живот на градот.

Проектот „Битола 2.0 – Дигитална општина поблиску до граѓаните“ е финансиран од Европската Унија и кофинансиран од Австриската Развојна Агенција, како дел од „Проектот за креирање на овозможувачка околина во земјите од Западен Балкан за мониторинг на реформите на јавна администрација од страна на граѓанско општество – WeBER 3.0“. Давател на грантот е Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје.

Јуни, 2025 год.

Консултативна средба со културните чинители во Битола – дигитален културен календар во најава!

Во рамки на проектот „Битола 2.0 – Дигитална општина поблиску до граѓаните“, денес Про Локал одржа консултативна средба со претставници од сите релевантни културни институции од Битола, локални невладини организации и Универзитетот, со цел заедничко обликување на нова дигитална алатка што ќе ја доближи културата до граѓаните.

Средбата отвори инспиративна дискусија за тековната културна понуда во градот и предизвиците во нејзиното информирање до публиката. Присутните се согласија дека постои изразена фрагментираност во објавувањето на настаните – преку повеќе неповрзани платформи, апликации и социјални мрежи – што создава информациска какофонија и ја отежнува навремената и целосна информираност на граѓаните.

Како одговор на ова, во рамки на проектот Про Локал развива дигитален културен календар, кој ќе служи како единствена точка за информирање за сите културни настани во градот – без разлика на организаторот. Алатката, чие нејзиното осмислување е поттикнато од барањата и интересот на младата публика, ќе овозможи пребарување по категории (филм, музика, изложби и сл.), избор според датум, како и навремено известување, со цел полесно планирање и зголемена видливост на културните содржини.

Културините институции од градот ќе ги координира јавната општинска установа Културно информативен центар – Битола, во блиска соработка со Општина Битола.

Проектот „Битола 2.0 – Дигитална општина поблиску до граѓаните“ е финансиран од Европската Унија и кофинансиран од Австриската Развојна Агенција, како дел од „Проектот за креирање на овозможувачка околина во земјите од Западен Балкан за мониторинг на реформите на јавна администрација од страна на граѓанско општество – WeBER 3.0“. Давател на грантот е Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје.

Мај, 2025 год.

Соопштение – 14.05.2025

Успешно реализиран Локален форум: „Активно вклучување на засегнатите страни во решавање на локалните прашања“

На 3 април 2025 година, во Офицерски дом во Битола, Здружението Про Локал со поддршка на Општина Битола успешно го организираше Локалниот форум на тема „Активно вклучување на засегнатите страни во решавање на локалните прашања“, во рамките на проектот „Битола 2.0 – Дигитална општина поблиска до своите граѓани“.

Настанот го отворија Емилиа Ѓероска, претседателка на Про Локал, и Борче Димитровски, секретар на Општина Битола. Тие ја истакнаа важноста од градење партнерства меѓу граѓаните и локалната власт за поефикасно адресирање на предизвиците поврзани со дигитализацијата на услугите.

Форумот започна со презентација на резултатите од анкетата за мерење на задоволството на граѓаните од дигиталните услуги во Општина Битола, претставени од проф. д-р Ана Секуловска. Следеа интерактивни работни сесии во кои учесниците ги идентификуваа клучните проблеми и предизвици со кои се соочуваат граѓаните, пред се младите, при користењето на дигиталните општински услуги.

Во фокусот на дискусијата беа:

  • Предизвиците во пристапот до дигитални услуги и нивната функционалност
  • Потребата од поголема информираност и дигитална писменост кај граѓаните
  • Недостатоците во комуникацијата меѓу администрацијата и граѓаните преку дигитални канали.

Како краен резултат, учесниците идентификуваа повеќе од 20 конкретни предлози за развој на ИТ алатки кои треба да ја забрзаат дигитализацијата на јавните услуги на Општина Битола, во областите како што се култура, сообраќај, животна средина и образование.

Форумот заврши со утврдени следни чекори за натамошна соработка помеѓу засегнатите страни и градење механизми за транспарентно следење на напредокот.

Овој форум е дел од проектот „Битола 2.0 – Дигитална општина поблиска до граѓаните“, финансиран од Европската Унија и кофинансиран од Австриската Развојна Агенција, како дел од „Проектот за креирање на овозможувачка околина во земјите од Западен Балкан за мониторинг на реформите на јавна администрација од страна на граѓанско општество – WeBER 3.0“. Давател на грантот е Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје.

Април, 2025 год.

Младите активно учествуваат во креирањето на локалните политики преку Регионалната платформа за млади

На третата средба на Регионалната платформа за млади, која што се одржа на 13.02.2025 во Офицерски Дом Битола, младите од Пелагонискиот регион активно дебатираа со градоначалниците за клучни прашања што ги засегаат, во присуство и на Амбасадорката на Швајцарија, г-ѓа Вероник Улман. На средбата присутни беа и Претседателите на Совет и претставници од Општинските Совети.
Средбата претставуваше можност за размена на идеи и заедничко усвојување на конкретни мерки кои ќе се реализираат во сите девет општини до крајот на годината. Дискусиите беа насочени кон локалниот економски развој, заштитата на животната средина и унапредувањето на здравствената и противпожарната заштита.
Како резултат на средбата, усвоени се конкретни мерки кои ќе се реализираат во сите девет општини до крајот на годината, меѓу кои вклучување на органскиот отпад во циркуларната економија, пилот-проект за управување со отпад во училиштата, едукација за противпожарна заштита како дел од воннаставните активности, организирање на регионален натпревар за младинско претприемништво и спроведување на бизнис-обуки за млади претприемачи.
Регионалната платформа за млади претставува иновативен механизам за партиципативна демократија, чија цел е да го зајакне учеството на младите во процесите на донесување одлуки на локално ниво. Овој механизам се пилотира во рамките на проектот „Младински политики по мерка на младите“, кој го спроведува Про Локал во соработка со осум локални граѓански организации.
Амбасадорката Улман нагласи дека вклучувањето на младите во креирањето на политиките е од суштинско значење за развојот на локалните заедници, истакнувајќи дека нивниот глас и идеи мора да бидат интегрирани во процесите на носење одлуки.
Проектот “Младински политики по мерка на младите“ е поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика Мобилитас.

Февруари, 2025 год.