Воведен состанок на проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија 2“
Успешно реализираниот проект „Зајакнување на луѓето од Пелагонија“, со времетраeње од една година и предводен од Про Локал, резултираше со уште еден нов проект „Зајакнување на луѓето Пелагонија 2“, финансиран од Амбасадата на Кралството на Холандија во Македонија. Имплементацијата на овој проект започна на 01.11.2022 и ќе трае во наредните 24 месеци, сo цел да се зголеми мотивацијата на младите луѓе од руралните средини на Пелагонија, со нивно активно вклучување во носењето на одлуки во нивните локални средини.
На 27.12.2022 се одржа првиот (воведен) состанок помеѓу претставниците на Про Локал и осумте партнери од осум граѓански организации од Пелагонискиот регион, односно Еко Герила – Преспа, Европска Гледна Точка, Центар за креативни индустрии – НЕБО, Волвокс Битола, Младински Совет Прилеп, Младинско Здружение Дебреште и уште две неформални групи на граѓани од општините Крушево и Кривогаштани. Покрај овие организации, вклучени се и деветте општини: Битола, Прилеп, Ресен, Могила, Новаци, Кривогаштани, Крушево, Долнени и Демир Хисар, со своите претставници.
Претседателот на Про Локал, Емилиа Ѓероска го претстави проектот пред партнерите и ги објасни сите активности кои треба да се реализираат во наредните две години во рамките на овој проект, додека проектниот координатор Кристина Талевска детално им ги објасни одговорностите и задачите кои ќе ги имаат сите проектни координатори со учесниците, при реализација на активностите. За промоцијата на сите активности и резултати на проектот во наредните две години, кои ќе бидат објавени на социјалните медиуми, зборуваше Елена Ѓероска која истакна дека социјалните медиуми се еден од начините каде најбрзо се шират информациите кои треба да допрат до што повеќе млади и до пошироката јавност во Пелагонија.
Декември, 2022
7 НОВИ ИНФРАСТРУКТУРНИ ПРОЕКТИ ЗА РУРАЛНА ПЕЛАГОНИЈА
Младите од седум рурални општини од Пелагонискиот регион го изодеа „административниот пат“ до реализација на своите идеи. По иницијатива на 50-тина млади кои беа дел проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија“ во изминатите 12 месеци беа изградени две теретани на отворено во Новаци и Могила, се уредија два паркови во Демир Хисар и Кривогаштани, се опреми кино на отворено во Крушево, се формира Младински Хаб во Ресен и се уреди спортски терен во Долнени. Објектите се изградени со заедничко финансирање од Амбасадата на Кралството Холандија и општинските буџети.
Апатичноста и пасивноста на младите од руралните средини во Пелагонија, трендот на иселување село – град и недовербата кон институциите беше причината организацијата Про Локал да организира интензивен процес на вклучување на младите во јавниот живот.
Проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија“ функционираше како отворена Академија за лидери, активностите се реализираа на јазик разбирлив за младите – дигитално и на несекојдневни локации како островот Голем град, адреналинскиот парк во Крушево, хајкинг патеките на Галичица и Пелистер и фитнес теретани. Преку иновативни работилници, мотивациски дебати со успешни личности, симулации на работењето на јавните институции, средби со градоначалниците и советниците од регионот се градеа капацитетите на младите за да стекнат знаења и практични вештини да ја променат средината во која живеат.
На завршната конференција која се одржа во Битола, заменик Амбасадорот на Холандија во земјава, г-дин Роберт Декер им порача на младите да ги искористат овие знаења и да делуваат – затоа што обврската да го променат местото во кое живеат им останува ним.
Градоначалниците од регионот потпишаа и Меморандум за формирање на првата регионална платформа за млади, преку која општините заедно со Про Локал и локалните организации ќе работат решавање на проблемите и унапредување на состојбата на младите во Пелагонија.
Заради позитивните промени врз младите од рурална Пелагонија, Про Локал ќе продолжи со реализација на проектот и во наредните две години со поддршка од Амбасадата на Кралството Холандија во земјата, а во периодот 2022-2024 ќе бидат вклучени и општините Битола и Прилеп, 50 нови учесници и ќе бидат изградени 9 нови инфраструктурни објекти од мал обем по предлог на младите од пелагониските општини.
Ноември, 2022
Одговорна локална самоуправа
Последната, 12-та работилница со која ги заокруживме 12-те принципи за Добро Владеење, ја одржавме во Преспа каде покажавме и научивме како да бидеме активни и навремени во зададени ситуации.
Конкретно, принципот „Responsiveness“ го практициравме на островот Голем Град каде што со симулации на различни ситуации младите од Пелагонија заедно нудеа решенија кои треба да бидат навремени и ефикасни.
Заедно со нашиот експерт Костантин Циривири, научивме што значи „Responsiveness“ на пуст остров!
Ги слушнавме неговите совети за одговорност и проактивност во различни околности или при несекојдневни предизвици.
Во втората половина од денот продолживме со теоретскиот дел и работа во групи, односно разговаравме за принципот „ Responsiveness “ во локалната самоуправа и колку нашите општини имаат капацитет да одговорат навремено и соодветно на предизвиците со кои се соочуваат младите од рурална Пелагонија.
Сѐ на сѐ, на возбудлив и интересен начин, научена и последната тема од вкупно 12-те принципи на Доброто Владеење.
Јуни, 2022
Изработени мозаици од лесно достапни материјали
“НАДЕЖ” е проект со кој 10 луѓе со помалку можности оваа седмица учеа да изработат мозаик.
Во дворот на Вила Дихово, под менторство на ликовниот уметник Сандра Котевска изминатите 5 дена беа дел од тренингот за уметнички вештини.
Проектот „HOPE” – Помош за зајакнување на луѓето“ кој е имплементиран од Про Локал, има за цел да пренесе знаења и вештини до луѓе кои имаат помалку можности за развој или пак се соочуваат со потешкотии во живеењето.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски ги посети учесниците, разговараше за нивните предизвици и им даде поддршка кон нивните напори за подобрување на нивната моментална состојба.
Претседателот на Про Локал, Емилиа Ѓероска изрази огромна благодарност до Општина Битола, но и до локалните компании: Графопром, Колмак, Метал Ком и Мерве кои го поддржаа проектот со обезбедување на материјали за работа на тренингот.
Никола Димковски од регионалната Стопанска Комора истакна дека ваквите проекти се врската со бизнисот во насока на креирање општествено-одговорни компании.
Проектот се реализира со финансиска поддршка од ЕРАЗМУС+ програмата преку Националната Агенција за европски образовни програми и мобилност од страна на Про Локал во партнерство со ИН ВИВО од Скопје и уште две организации од Италија и Грција.
Јуни, 2022
Како се менаџира со проектен циклус?
Одржан и „Тренинг за менаџирање со проектен циклус“ во рамките на проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија“.
На четиридневниот тренинг одржан во Битола, обучувачите Хари Шутоски и Моника Марковска ги споделија своите знаења и искуства за „Раководење со проектен циклус (РПЦ)“, со цел учесниците да стекнат теоретски знаења за раководење со проектен циклус и практична примена на алатките и методологијата за развивање на проектни предлози/апликации.
Јуни, 2022
Втор интернационален „HOPE“ состанок во Торино
На вториот дводневен партнерски состанок во Торино, Италија присуствуваа сите четири организации и партнери на HOPE проектот, Про Локал од Битола, ИН ВИВО од Скопје, Challedu од Грција и Liberitutti Societa од Италија.
Првиот ден беше наменет за претставување на сработените активости од страна на сите организации поединечно, односно беше направена подетална анализа на завршените петдневни обуки за луѓе од ранлива категорија во Скопје, Грција и Италија. Организаторите објаснија во каква атмосфера поминаа овие обуки и кои се крајните производи кои ги изработија учесниците во проектот.
На вториот ден од интернационалниот состанок се разговараше за наредните активности кои треба се реализираат до крајот на проектот. Креативниот едукатор, Сандра Котевска ја претстави методологијата за обуката која ќе ја организира Про Локал во јуни, на која 10 луѓе од ранливи категории ќе имаат можност својот креативен потенцијал да го претворат во специфична вештина. Конкретно, во текот на овој 5 дневен тренинг ќе работиме на создавање креативен производ – мозаик од материјали кои се достапни за употреба и по завршувањето на проектот. На овој начин, во соработка со општествено одговорни компании од Пелагонискиот регион, Про Локал креира одржливост на проектните резултати.
Јуни, 2022
Културна разноликост и отвореност за промени како основа за подобро општество
Во викендот што измина во Охрид (13-15 мај) се одржаа уште 3 нови работилници и последната, трета по ред, мотивациска дебата.
На тема „Човекови права, културна разноликост и социјална кохезија“ разговаравме со експертот Фатма Бајрам Аземовска. Преку интересни квиз прашања ги дискутиравме човековите права во Македонија, културни елементи на сите народи во нашата земја, како и за тоа кои се факторите за одржливост на социјалната кохезија.
Саботното претпладне го започнавме со една одлична тема за „Иновации и отвореност за промени“, со Коста Петров, додека втората половина од денот ја слушнавме личната и интересна приказна за животниот успех на професионалниот македонски фудбалер Николче Новески.
Викендот го завршивме со единаесеттата по ред работилница, која што ја одржа Слаѓан Пенев. Низ низа позитивни и негативни примери разговаравме за отвореност и транспарентност во работењето на локалната самоуправа во нашата земја.
Мај, 2022
Сертификати за учество на младите во креирањето на локални политики
50 млади луѓе од рурална Пелагонија се здобија со Интернационални Сертификати за неформално образование за граѓанско учество. Младите од проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија“ имаа исклучителна можност да учествуваат на тренингот за граѓанско учество, кој го одржаа експерти од високо ценетата Академија за локално владеење од Хаг, Кралство Холандија.
На тренингот покрај главните организатори од граѓанската организација Про Локал – Битола, учествуваа уште девет локални граѓански организации од рурална Пелагонија, а воедно и партнерите општини на проектот. Меѓународните обучувачи преку интерактивни сесии, дискусии и вежби пренесоа практични знаења до младите како да се вклучат во креирањето на својата локална заедница. Фокусот беше ставен и на методите за градење на капацитетите на младинските организации во соработка со локалната самоуправа и како заедно да обезбедиме висок степен на младинско учество и мотивирачки простор за развој на младински политики на локално ниво.
На овој четиридневен тренинг во Охрид, младите од Пелагонија имаа можност да разговараат и со советник од една холандска општина, Myrte Hesselberth, која на 22 годишна возраст веќе има завидна политичка кариера и која е борец за учество на младите во креирањето на политиките во Холандија.
Беа пренесени и практични знаења за младинска размена преку ЕРАЗМУС+ програмата како и за граѓанскиот активизам кој во денешно време се случува онлајн.
Тренингот заврши со свечено доделување на Сертификати за успешно завршен тренинг, кои на повеќе од 70 учесници им ги додоели Заменик Амбасадорот на Кралството Холандија во нашата земја, г-дин Роберт Декер ,заедно со Градоначалниците на Општина Ресен, г-дин Јован Тозиевски и Градоначалникот на Општина Новаци, г-дин Стевче Стевановски.
Април, 2022
Незаконски одлуки – неетички одлуки?
Осмата работилница за „Етичко однесување“ во Крушево помина во одлична атмосфера.
За почеток со една прошетка низ Крушево, заедно со Заменик Амбасадорот на Кралството на Холандија, г-динот Роберт Декер, која заврши во Крушевската гимназија, каде младите од угостителското училиште не пречекаа со целуфки, кои сами ги направија. Тие исто така ни раскажаа зошто и како планираат да станат светски познати готвачи!
Димитар Атанасовски ни објасни за видовите лидерство, додека Александар Камбовски детално ни објасни за етичките кодекси и за „судирот“ помеѓу принципите и законските стандарди во носењето на етичка одлука.
Денот го завршивме со еден возбудлив дел, односно посета на Адреналинскиот парк во Крушево, каде што се дружевме до зајдисонце.
Април, 2022
Акција на локално ниво – клучна алатка за исполнување на целите за оджлив развој!
Втората половина од имплементацијата на проектот „Зајканување на луѓето од Пелагонија“ започна со темата за „Одржлив развој и долгорочна ориентација“.
Работилницата за оваа, седма тема по ред, се одржа во Прилеп, а за истата да се доближи до младите од Пелагонија се потруди нашиот експерт Петра Поп Ристова – научник за акватична микробна екологија и експерт за животна средина и одржлив развој.
Одржливиот развој значи дека при планирање на нашите секојдневни активности треба да размислуваме и за идните генерации, додека долгорочна ориентација значи создавање на политики и спроведување на активности од кои ќе има придобивки во иднината.
Како и колку овие принципи се спроведуваат во нашата држава и дали одржливиот развој заостанува?
Целите за одржлив развој допрва ќе треба да се инкорпорираат во системот на државата, а исто така и улогата на Општините за одржлив развој во земјата е од големо значење.
Општините делуваат во секоја област од нашето живеење, тие се носители на развојот на локалните заедници.
За овие и за други прашања повразни со работата на локалната самоуправа, а особено за начинот како младите да допрат со свои идеи за проекти до Советниците и Градоначалникот, разбравме при посетата на Општина Прилеп. Со топло добредојде од Градоначалникот Борче Јовчески младите од Пелагонија добија информации што и како Општина Прилеп прави за да го зголеми граѓанското учество во креирањето јавни политики.
Дополнително, Претседателот на Советот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, во салата на Советот ги запозна младите со работата на советниците и новните средби со младите. Во Прилеп, секој Советник покрива една тема/сектор од општествените процеси и токму тој/таа е одговорен за редовна комуникација на таа тема со граѓаните.
Можеби највпечатливиот дел од овој ден беше посетата на Музејот на тутун во Прилеп, каде се воодушевивме од сите историски знаменитости и уште еднаш разбравме дека принципот на одржливост и долгорочна ориентација е применлив насекаде!
Април, 2022
Седум нови проекти за Пелагонија!
Проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија“ иако е на половина пат до конечна реализација може да се пофали со видливи резултати!
Младите со поддршка од Про Локал и Амбасадата на Кралството на Холандија во земјава како и во партнерство со пелагониските општини и 9 локални организации ги претворија своите идеи за унапредување на локалните заедници во конкретни проекти!
Имено, до крајот на септември оваа година, во Пелагонија, со дополнителна финансиска поддршка од проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија“ ќе бидат отворени две „Фитнес Зони“ за рекреација на отворено, во Могила и Новаци, ќе бидат уредени 2 паркови во Демир Хисар и Кривогаштани, ќе биде уредено спортското игралиште во Лажани, општина Долнени, ќе биде опремено „Кино на отворено“ во Крушево, а во Преспа ќе се формира „Младински Хаб“ за промоција на туризмот.
Интензивните и партиципативни работилници, дебати и игри за мотивација се само дел од алатките преку кои проектот ги обучува младите за активно учество во креирање на политиките на локално ниво. Целта е младите да осознаат преку практични примери, преку учество во работењето на општините и Советите, како нивните идеи можат да бидат реализирани.
Во изминатате шест месеци се одржаа шест работилници, од вкупно дванаесет, на теми кои ги опфаќаат двенаесеете принципи на доброто владеење, а исто така се оджаа и две мотивациски дебати, од вкупно три предвидени за овој проект.
Март, 2022
Како до транспарентен и граѓански локален буџет?
Навидум сувопарна тема, а сепак во пракса беше уште еден возбудлив и мотивирачки тренинг за младите од Пелагонија!
Минатиот викенд во Охрид се одржаа 5-тата и 6-та работилница од проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија“ собирајќи 50 млади и 10 локални организации на едно место со една мисија: како да бидеме активни агенти за позитивни промени во местото каде што живееме?
Или како што би рекла Катерина Ангеловска, мотивацискиот говорник кој ја одржа втората empowering дебата: Биди промената која ја посакуваш! Катерина ги водеше младите низ едно патување низ нивните желби и идеи за да пронајдат храброст и одважност кон првите чекори за промена на својот живот, а со тоа и промена на можностите во местата каде што живеат. За многумина ова беше прво искуство со професионален мотивациски говорник и вистинска инспирација да продолжат да работат врз себе за да „пораснат„ во секој аспект.
Кире Миловски и Адријана Булевска-Зариќ низ практични примери го објаснија концептот на транспарентен и партиципативен општински буџет, ги информираа младите како и со кои алатки да го следат трошењето на општините, но и активно да предлагаат проекти во годишните планови за развој на локалните заедници. Јасно потенцираа дека нашата обврска да плаќаме данок значи и право да го мониторираме планирањето и трошењето на јавните пари.
Најдинамичниот дел од тренингот секако беше резервиран за Димитар Атанасовски, кој со свој личен пример покажа колку се важни коминикациските вештини, и во живо и онлајн. Денес, кога најголемите судии за нечиј став се емотиконите на социјалните медиуми, сите ние, а особено младите сме во трка за поинтересно презентирани лични содржини. Димитар им објасни дека вистинските промени во местата каде што живееме се случуваат со вистинска работа и реална соработка со истомисленици, а не со онлајн алатки кои собираат лајкови. Дека за некого да го инспирирате да ве следи во реализацијата на вашата визија ви се потребни вештини за комуницирање и мотивација!
Впрочем нашите млади се веќе инспирација за 7 општини низ Пелагонија! 7 општински Совети и 7 Градоначалници гласаа “ДА „ за две Фитнес Зони за рекреација на отворено, во Могила и Новаци, за уредување на 2 паркови во Демир Хисар и Кривиогаштани, за ново спортското игралиште во Лажани во општина Долнени, за „Кино на отворено“ во Крушево и за Младински Хаб за промоција на туризмот во Преспа.
Март, 2022
Развивање на локални политики преку граѓанско учество / учество на младите во носењето на одлуки
Од 18 до 20 февруари во хотел Аквалина во Охрид се одржаа третата и четвртата работилница и првата мотивациска дебата во рамките на проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија“ предводени од Про Локал од Битола во партнерство со уште 7 општини и 9 граѓански организации. Настанот го отвори и модерираше Претседателот на организацијата, Емилиа Ѓероска, истакнувајќи ја важноста на широката коалиција во рамките на проектот меѓу општините, граѓанските организации и целната група – младите од Пелагонискиот регион.
Домаќин на третата работилница “Надлежности и капацитети“ беше интернационалниот експерт за локалсна самоуправа, Јадранска Кунгуловска, во која младите зедоа активно учество одговарајќи на квиз прашања преку кои им беше овозможено да го истакнат новостекнатото знаење. Четвртата работилница, Владеење на правото, го заокружи тродневниот настан под водство на правниот експерт, Никола Главинче.
Февруари, 2022
Се одржа и четвртиот координативен состанок меѓу Pro Local и партнерските организации во рамките на проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија“ поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија.
На овој состанок се разговараше за понатамошните проектни активности со кои треба да се обработат уште 10 од вкупно 12-те принципи на Доброто Владеење.
Сите 9 организации дадоа свои предлози за методологијата на имплементација и начинот како до поголема вклученост на младите во работењето на локалната самоуправа.
Јануари, 2022
Тимот на ПРОЛОКАЛ ќе реализира ЕРАЗМУС КА2 Проект за партнерства за креативност HOPE/НАДЕЖ во рамките на Повикот за Соработка за иновации и размена на добри практики; KA227
ПРОЛОКАЛ соработуваше со ИН ВИВО од Скопје, Challedu од Грција и LIBERITUTTI SOCIETA од Италија за заеднички развој и организирање на активности за социјална инклузија. Зајакнување на капацитетите на луѓето со помалку можности да ги исполнат своите целосни потенцијали преку креативност и социјално земјоделство е главниот фокус на проектот HOPE.
Во Северна Македонија, ќе работиме во регионот на Скопје и Пелагонија, идентификувајќи ги потребите и можностите на примарната целна група што живее надвор од урбаните центри, заради што се соочува со недостаток на социјални активности во заедницата.
Креативните резултати ќе бидат дистрибуирани со размена меѓу крајните корисници на трите земји, а ќе бидат и достапни на Интернет за пошироката публика.